Канадската национална телевизиска станица Си-Би-Си извести за несекојдневен инцидент меѓу полицијата и… кенгур.
Имено, кон крајот на ноември, женка кенгур, заедно со своето возрасно младенче, била пренесувана до зоолошката градина во Квебек. Но, во текот на патувањето успеала да избега од камионот.
Инцидентот се случил во рурална област близу Торонто, за време на кратко застанување при патувањето. Според изјавите на ракувачите кои го пренесувале животното, женката кенгур едноставно прескокнала преку нив и исчезнала во ноќта. Поради мракот, придружен со дожд, невозможно било животното да се следи.
Набрзо по бегството, на социјалните мрежи почнале да се појавуваат снимки од кенгурот, но ниту полицијата, ниту надлежните кои ја пренесувале женката, не успеале да ѝ влезат во трага.
По четири дена бегство, двајца патролни полицајци го забележале животното во околината на соседниот град Ошава и го следеле речиси четири часа.
Полицијата ги контактирала професионалците задолжени за кенгурот, а тие ги советувале, при фаќањето, полицајците само да го зграпчат животното за опашката.
Кога полицајците конечно повлекле потег, го следеле советот, но, како што пренесува Си-Би-Си, кенгурот не се откажал така лесно, па возвратил со шепа и удрил еден од полицајците. На крајот тие сепак успеале да го совладаат кенгурот и да го внесат во автомобилот, по што бил однесен во зоолошката градина во Ошава. Таму животното било прегледано од ветеринари и ќе остане привремено, а потоа ќе биде „депортирано“ во Квебек, односно на првичната дестинација.