Овој краток биографски документарец нé запознава со Кенет Озгуд, попознат како Спајдер, кој работел во неколку ресторани во Њу Хемпшир во 1970-тите и е веројатно најбрзиот фаст-фуд келнер во историјата.
Треба да објаснуваме зошто го викаат (во превод) „пајак“? Како што ќе видите во видеото, Озгуд спрема неколку различни јадења истовремено служејќи по неколкумина гости, гости ем гладни, ем бучни. „Пајак“ го добил заради малиот раст и големата брзина, за која на обичен човек би му требале ваљда 8 раце, колку што има пајакот.
Во 40-тите и 50-тите, кога бил млад, Озгуд бил Golden Glove (аматерски) боксер. „Некои борби ги добив, некои ги изгубив“, ќе рече. Ама затоа скорот во кујната му е перфектен.
„Ако имаше доволно пари, ќе продолжеше да го правиш ова?“, го прашува интервјуирачот.
„Полесно е отколку да работам, па зошто не би го правел… Се разбира“, одговара Спајдер и продолжува со веселото свиркање. „Ако ова беше работа, немаше да го правам“.
На прашањето зошто се движи толку брзо, Озгуд ќе рече:
„Немам појма. Едноставно така ги правам нештата отсекогаш. Едноставно мораш да продолжиш да ги правиш нештата, тоа е сé“.
Спајдер почина во 2012, ама неговата способност за мултитаскинг и прекарот Spider несомнено ќе го задржат статусот на урбана легенда уште долго време.