Според професорот Јове Кекеновски од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг на претседателските избори во 2004-та година тогаш новопечениот претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Груевски, свесно и намерно одработил Бранко Црвенковски да стане претседател, со тоа што во последен момент преку смс пораки до членството повикал да се излезе на гласање за да се обезбеди потребниот цензус од тогаш 50%.
Во постот на Фејсбук насловен „Конциденција или свесно пак за некој друг?“, Кекеновски потсетува на резултатите од првиот круг на тие избори: 385.347 гласови за Бранко Црвенковски, а 309.132 гласови за неговиот противкандидат Сашко Кедев.
„Благодарение на тие повици победи Црвенковски при излезност од 55,2% на гласачите“, пишува Кекеновски. „Сега и Мицкоски како наследник на Груевски јавно повикува за излезност во вториот круг на изборите во услови кога ситацијата е слична. Петнаесет години подоцна историјата и постапките се повторуваат“, заклучува професорот.
За потсетување, вчера Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ преку отворено писмо му порача на Мицкоски да не оди со „симнати панталони до глуждовите“ во вториот круг на изборите и наместо тоа да повика на бојкот.