Ќе се санира црквата во Мавровското езеро

Идејниот проект за заживување, санација и заштита на црквата „Свети Никола“, која половина век е потопена во Мавровското езеро денеска ќе биде презентиран во Студиото Театрикс од Скопје.

– Целта на овој идеен проект е да го заживее споменот на црквата, да ја реконструира и адаптира во современ центар за културни случувања, изложби и други настани и да даде несекојдневен белег на овој туристички регион. Угледниот американски интернет портал „Хафингтон пост“ ја смести црквата во листата на најмагичните верски објекти во светот, информираат од Театрикс.

crkvamavrovo3

Објектот треба да се санира и заштити како дел од архитектонското и културното наследство. Црквата би ја зачувала првобитната форма, би се санирале ѕидовите, како и изведба на кровна конструкција која ја задржува првобитната силуета на црквата.

Проектот предвидува околу црквата да се развива камена обвивка во две варијанти. Во првиот предложен модел, камената обвивка е скулптурално обликувана со стаклени продори кои го задржуваат допирот со водата и отвараат визури кон околина.

crkva-500

Во втората варијанта предвидена е камена обвивка која е обликувана во вид на систем за подвижни ѕидови кои во зависност од водостојот се регулираат по височина. Се предвидува пристап од две точки, кога водостојот е минимален се влегува од кота на плато, или при максимален водостој кога се создава галерија која кружи околу црквата и овозможува отварање на визури кон дворот и кон природното опкружување.

Прочитајте и:  Свештеникот кој дозволи снимање спорен спот во црква, расчинет поради проневера

Црквата „Свети Никола“ беше потопена во езерото во 1952 година и е неизбежен симбол на Мавровското езеро која постојано е публикувана во разните туристички материјали во светот. Вредниот иконостас и другите предмети од црквата се спасени и конзервирани откако беше потопена. Таа е евидентиран споменик на културата, но во последната катастарска снимка на Македонија не е регистрирана како постоечки објект.

crkvamavrovo1

Црквата е изградена во 1850 година и конципирана како трикоробна црква со петострана апсида, кула камбанарија и иконостас изработен од Дичо Зограф, прочуен мајстор зограф од реканскиот регион. Во неа се изведувале редовни богослужби повеќе од сто години. И денес црквата е извонреден примерок на македонската архитектура од средината на 19 век, која локалните жители ја доживуваат како свет објект.

- Реклама -