Попова Шапка, 8 декември 2021 (МИА) – Инвестиции за вештачки снег, но и за целосна продажба, партнерство и други видови на соработка сѐ уште се разгледуваат од државните институции за тоа дали Попова Шапка ќе се раководи и од приватни странски компании.
Според министерот за економија Крешник Бектешти, за ски-центарот освен за јавно приватно партнерство, како и за целосна приватизација, има и друг вид понуди.
„Комисијата која е формирана за развој на Попова Шапка е во функција и редовно има состаноци и токму овие проекти, овие инвестиции што веќе ги презентира директорот, произлегуваат во склоп на дискусиите, предлозите, идеите што се даваат во таа комисија, а секако дека и внатре во менаџментот на ЕЛЕМ Турс. Ние веќе имаме неколку понуди во однос на Попова Шапка, но не само за Попова Шапка во делот на ски-центрите и развивање на ски-центрите; во нашата држава се разгледуваат сите опции, се разгледуваат нивните бизнис планови, нивните понуди, а сериозна Влада, сериозен менаџмент како што е менаџментот на ЕЛЕМ Турс не ги чека само да се заокружи тој процес, но паралелно со тоа инвестира со можностите што ги има сѐ со цел да ја зголеми вредноста на Попова Шапка. Бидејќи Попова Шапка е на сите граѓани на нашата држава, посебно на граѓаните кои гравитираат во склоп на Полошкиот регион и Општина Тетово“, рече Бектеши.
Директорот на ЕЛЕМ Турс – Адем Авзиу, рече дека ќе се прави идеен проект за жичарница од Тетово до Попова Шапка.
„Околу жичарата Тетово – Попова Шапка ние веќе имаме планови за истото. Во консултација сме цело време со ресорниот министер. Неговата поддршка е целосна околу овој проект. Јас можам да најавам дека веќе за годишниот план за јавни набавки за 2022 година има предвидено средства околу идејниот проект за жичарата. Тоа е огромен проект, голема инвестиција за која што треба и поголеми средства и време за реализација бидејќи не е едноставно, тоа е многу сериозна и обемна работа. За вештачкиот снег имавме претставници на фирма од Италија. Ги очекуваме нивните првични понуди и проценки за воведување на вештачки снег на ски-стазите Поток 1, Поток 2 и Аеродром. Договорени бевме до крајот на месец декември да имаме првичен предлог колку би можело тоа да кошта и како би можело тоа да се реализира“, изјави Авзиу.
На новинарско прашање како ќе се справува Попова Шапка со сметот, Авзиу истакна дека тоа е надлежност на општината и ги повика општинските органи да преземаат нешто бидејќи, како што рече, тоа е првата слика на ски-центарот.