Протоколите кои не се применливи, односно кои на угостителите ќе им биде тешко да ги применат и над кои Државниот пазарен инспекторат нема да може да извршува надзор, можно е да бидат променети, најави денеска во „Утрински брифинг“ директорот на ДПИ – Стојко Пауновски.
Таков е примерот за ограничувањето на бројот на гости на една маса и проверка на нивната роднинска врска, со цел запазување на препораката на Комисијата за заразни болести дека повеќе од двајца не смеат на една маса освен ако не се од исто семејство. Проблематично е и правилото терасите да бидат отворени од три страни.
„Тука на улица Македонија сите тераси се отворени само од една страна. Значи ќе мора да претрпат измени“, рече Пауновски.
На вчерашната прес-конференција, пак, тој посочи дека одговорност на Инспекторатот е да ги контролира угостителите дали ги спроведуваат протоколите, додека одговорност на самите угостители е да ги спроведуваат протоколите, конкретно и околу правилото дека четворица гости не смеат да седат на една маса ако не се од исто семејство:
„Дали лицата се две или четири на маса е одговорност на оние кои вршат угостителска дејност. Од нашата свест и совест ќе зависи дали мерките ќе одат на олеснување. Протоколите се донесени за да ги спроведуваат угостителите и тие се одговорни да бараат лични карти и да даваат соодветни места на оние кои ќе дојдат кај нив, па согласно тоа ќе преземаат мерки. Келнерот односно газдата ќе ги спроведува протоколите, а не инспекторите. Ние вршиме контрола кај угостителите, не кај граѓаните. И 12 лица може да бидат на маса, но да се распоредени со соодветна дистанца“, истакна вчера Пауновски одговарајќи на новинарско прашање.
Во „Утрински брифинг“, меѓутоа, тој посочи дека протоколите кои ги носат Комисијата за заразни болести и Владата, но со учество и на синдикатите на угостителите, а треба да ги контролира Државниот пазарен инспекторат, мора пред сѐ да бидат применливи и затоа можно е да бидат изменети веќе на првата следна владина седница:
„На првата владина седница можно е да бидат изменети протоколите. Ќе има и едукација за примена на протоколите. Никој не може да ги легитимира граѓаните при влез во ресторан, освен малолетните лица кои ќе побараат алкохол“, објаснува Пауновски.