Во одбрана на автентичноста на бомбите денеска застана обвинителката Фатиме Фетаи, но сомнежот кој го отвори сведочењето на Верушевски останува без епилог. Се очекува дообјаснување од Верушевски.
Изјавата на поранешниот разузнувач и актуелен висок владин и партиски функционер на СДСМ, Зоран Верушевски и по три дена останува да лебди во јавноста без поконкретно објаснување. Верушевски оттогаш „исчезна“ од јавноста, а со последиците, додека политиката молчи, се занимаваат правниците.
Тврдењето на Верушевски дека по неговото апсење во 2015 година како обвинет во предметот „Пуч“, прислушкуваните материјали кои биле прибирани од УБК биле „модификувани и компромитирани“ отвори многу дилеми и сомнежи кои засега не ги коментираат ни владини, ниту партиски функционери на СДСМ. Портпаролот на владејачката партија Костадин Костадинов единствено соопшти дека „бомбите се автентични“. За мотивите и тајмингот на изјавата на Верушевски сите креваат раменици.
Денеска во одбрана на „бомбите“ застана обвинителката Фатиме Фетаи која тврди дека истите биле „автентични“.
„(…) Имаше само некои изјави на ТВ дека материјалите се сечени, лепени и монтирани, меѓутоа никој досега не го кажал тоа во судница. Од друга страна се работи за материјали, докази кои не се изолирани докази во нашата постапки. Тие си наоѓаат поткрепа и во материјални и во вербални докази и сето тоа ја потврдува нивната автентичност“, вели Фетаи.
Таа очекува Верушевски да ја дообјасни својата изјава на следното рочиште во предметот „Таргет Тврдина“ закажано за 10 октомври.
Обвинителката Фетаи тврди дека бомбите се автентични
„Се работи за исказ кој се уште не е довршен. Верушевски минатиот пат беше испрашуван директно само од страна на обвинителството, па допрва следува негово вкрстено испрашување од одбраната. На крај, Судот има право да поставува прашања од појаснувачки карактер“, вели Фетаи.
Изјавата на Верушевски веќе му послужи на експремиерот и бегалец Никола Груевски како потврда на неговото тврдење дека бомбите биле „лепени, сечени и монтирани“.
Свиркачот Ѓорѓи Лазаревски одбива во јавност да ги коментира тврдењата на Верушевски кои се во директна спротивност со неговите досегашни тврдења за текот и начинот на кој биле изнесувани прислушкуваните материјали од УБК и доставувани до, тогаш, опозициската СДСМ во периодот од 2010 до 2014 година.
Адвокатот Александар Новаковски деновиве за ДВ оцени дека изјавата на Верушевски може да има влијание врз тековните предмети на СЈО.
„Многу обвиненија кои ќе се базираат само на прислушуваните докази, може да завршат со ослободителни пресуди“, рече Новаковски.
Зоран Верушевски е сеприсутен во македонската јавност во последните 20 години. Неговото, но и имињата на членови на неговото семејство, често се врзуваа со разни контроверзи уште од периодот додека беше шеф на кабинетот на МВР Томислав Чокревски, а подоцна и како старо-нов директор на ДБК во 2001 година. Кон крајот на 2005 година предизвика скандал откако во интервју за „Утрински весник“ се закани со хаос во државата доколку не престане „хајката против него и неговото семејство“.
Експремиерот Груевски го искористи сведочењето на Верушевски како потврда на неговите тези за бомбите
Тогашниот мотив на Верушевски веројатно беше да го заштити својот син кој се гонеше за повеќе кривични дела, за на крајот да биде и осуден за изнуда. Во 2006 година, тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски го испрати Верушевски на дипломатска мисија како советник во македонската амбасада во Италија, а една година подоцна му ја скрати и затворската казна на неговиот син. Како што кажа и самиот Верушевски во сведочењето, тој се враќа од Италија во 2010 година. Две години подоцна, неговиот син Александар е повторно уапсен откако учествувал во вооружена престрелка во Струга. Името на Зоран Верушевски повторно станува актуелно со почетокот на објавувањето на бомбите во февруари 2015 година. Тој беше обвинет во предметот „Пуч“ со кој тогашната власт докажуваше дека прислушкувањето, всушност, го вршеле Верушевски, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски во корист на странска држава. Откако излезе од притвор во декември 2015 година, и особено по промената на власта, Верушевски беше во првите редови на повеќе собири во земјата, но и во странство, како во јули 2018 година во Брисел кога НАТО формално ја покани земјата да стане полноправна членка. Во меѓувреме тој доби советничка функција во владата, а неодамна и висока позиција во владејачката СДСМ