ЌЕ ИМА ЛИ СПОГОДБИ ПРЕД „РЕКЕТ” ДА ВЛЕЗЕ ВО СУДНИЦА

Ќе признае ли вина Катица Јанева во случајот „Рекет“ за да се спогоди со Обвинителството наместо да учествува во евентуален судски процес?

Истрагата е завршена, увидот во доказите е во тек, а законска можност за спогодба за казната постои и за неа и останатите осомничени. Адвокатот на Јанева во телефонски разговор не ја отфрли таа можност, но вели дека засега не размислуваат за тоа.

„И наредната недела ќе вршиме увид во доказите, а потоа во договор со мојот клиент ќе ја подготвиме стратегијата за одбрана. Но, сега за сега не размислуваме за таа можност“ – вели Дељо Кадиев – адвокат на Катица Јанева.

Додека Јанева чека одлука од Кривичниот совет да ја пушти од притвор со понудените станови како гаранција, второосомничениот бизнисмен Зоран Кичеец е во домашен притвор. Неговиот адвокат ги планира доказите периодов и на нашето прашање дали размислува за спогодба на Милески – Кичеец одговори:

„Размислувам за одбраната и доказите кои ќе ги доставиме до ОЈО, во законскиот рок кој веќе тече. Истрагата заврши и добивме известување од Обвинителството за тоа. Концентрирани сме на одбраната. Во овој момент ниту ОЈО предложил, ниту се отворил простор за размислување на таа околност. Сите медиуми со дел исклучоци сакаат да ја дознаат нашата стратегија. Непрофесионално е бранител да дава одбрана на клиент преку медиуми. Денес, а и веќе неколку дена се организира медиумска хајка, да ги споделам нашите намери. Нашите ставови ќе ги има јавноста на суд, судењата се јавни“ – вели Александар Новаковски – адвокат на Милески.

Адвокатот на Боки 13 беше недостапен на мобилниот телефон.

Адвокатот Асмир Алиспајиќ кој изминатите години понуди и доби десетици спогодби во случаите со борците од ИСИС, објаснува дека признавањето вина осомничените го гледаат како шанса да се добие помала казна, но и да се скокне делот од јавно изнесување на детали во судски процес.

Од Обвинителството не се изјаснија за став по нашето прашање за евентуално барање за спогодба.

Иако истрагата е завршена со тројцата осомнични, Јанева, Милески – Кичеец и Јовановски останува на Обвинителството да одлучи кој ќе влезе во обвинение и против кого ќе се води судска постапка. Делот од истрагата со финансирањето на Меѓународниот сојуз е се уште во тек.

- Реклама -