Ќе има ли рестриктивни мерки за претстојните празници? Треба да се почитуваат актуелните мерки, потенцира Филипче

Комисијата за заразни болести допрва ќе зборува и ќе одлучува дали ќе препорача нови мерки во однос на претстојните празници, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот потсети дека минатата година во овој празничен период имаше и построги рестриктивни мерки, а сепак се појавија нови пациенти, односно имаше пораст на бројот на заразени. Оттаму, според Филипче, суштината е во почитување на веќе постоечките мерки.

„Ние имаме балансирани мерки, имаме рестрикција на движење за категоријата на помлади граѓани за кои забележувме дека по завршувањето на работата на угостителските објекти се групираа по паркови, јавни површини и таму не се почитуваа превентивните мерки. Ниту се носеа маски, ниту се држеше дистанца, што вообичаено се лсучува кога се групираат помлади луѓе.

Во таа смисла, споредувавме резултати од некои земји во кои имаше многу построги мерки, но и покрај тоа се соочија со силен бран. На пример, дел од земјите во Средна Европа; И покрај тоа што не работеа ниту ресторани, ниту продавници, имаат огромен број на нови пациенти, што значи дека вирусот не ги поштедува ниту тие земји. Пoнатаму, тие земји што воведоа карантини и полициски часови многу построги од нашите, откако се појави бранот, повторно не дадоа резултати, значи има пораст на случаите.

А таму каде што има собири во текот на денот – има и препораки и доколку се почитуваат нема да има проблем. Значи, овие балансирани мерки се една умерена рестрикција комбинирана со индивидуалната одговорност на граѓаните во однос на почитување на мерките“, рече Филипче.

Тој порача дека мерките ќе треба да се почитуваат и долго после вакцинацијата.

„И после вакцинацијата ќе останат на сила тие превентивни мерки, маската ќе ја носиме навистина долго време“, рече министерот.

- Реклама -