Ќе правиме ли скара со најблиските (читај: 30+ луѓе) или ќе гледаме природа само на телевизија, поради непрекинат полициски час за време на продолжениот првомајски викенд – најверојатно ќе се знае дури во четврток, најави министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во емисијата „Ја сакам Македонија“ на ТВ „Сител“.
„Сѐ уште е рано да се каже дали ќе има тридневен карантин за викендот кој следува, односно за првомајските празници“, рече тој.
Одлуката, вели, ќе биде донесена во зависност од бројот на новозаболени и од проценката и анализата на Комисијата за заразни болести
„Заедничката одлука најверојатно ќе ја соопштиме во четврток. Тешко е да се биде затворен, но со помош на оваа мерка успеваме успешно да се избориме со коронавирусот. Ова е време кога сите треба да се воздржиме, за доброто на сите“, рече министерот.