Ќе го прифати ли Франција финскиот компромис за почеток на преговорите на земјава со ЕУ?

Да се отпочнат преговорите со Северна Македонија, па во меѓувреме Европската унија да ја усвои новата методологија за преговори што ја бара Франција, стои во нацрт документот на финското претседателство со Унијата кој треба да биде усвоен вечерва во Брисел на последниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на земјите членки на Европската унија (ака. корепер) пред утрешниот Министерски совет во Луксембург, велат извори од македонската влада, пренесува „СДК“.

Според владините извори, не се знае дали Франција ќе го прифати компромисот, бидејќи таа бара прво да се воведе новата методологија во процесот на проширување, па потоа да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа се вели и во меморандумот кој на 10 октомври проциркулирал од француските дипломати до другите ЕУ влади, до кој дојде „Bloomberg“. Во него пишува: „Никаков датум за формални преговори не треба да им биде даден на Албанија и Северна Македонија пред ЕУ да го комплетира преуредувањето на ‘методологијата’ на процесот“.

Според владините извори, сепак конечната одлука најверојатно ќе биде донесена во четврток, на Самитот на шефови на влади и претседатели на земјите од ЕУ. Доколку одлуката е позитивна, според нацрт документот, земјава ќе ги започне преговорите најдоцна во првата половина од 2020-та.

Франција бара изменување на процесот на проширување и суштинско „преуредување“ на методологијата според која се водат пристапните преговори, при што главното барање е процесот да биде реверзибилен, односно, доколку земјата кандидат назадува во одредено поле за кое веќе го затворила соодветното поглавје, во процесот на преговори таа повторно да биде вратена на поглавјето во кое назадувала. Ваквата методологија ќе важи во преговорите со сите нови кандидати.

 

- Реклама -