Ќе ѝ ги намали ли аферата „Рекет“ шансите на Јанева за пратеничка кариера?

Вакво прашање, по сите случувања околу аферата „Рекет“, немаше ни да ни текне да поставиме, ако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски, не објавеше извадок од едно старо интервју со Катица Јанева, во кое специјалната јавна обвинителка ги навести своите политички амбиции, во некоја подалечна иднина, кога евентуално ќе се засити од обвинителската работа.

Неважно кој е гласникот, да се фокусираме на политичките аспирации на Јанева, кои барем навидум како да се доведени под знак прашање; Се работи за третиот дел од интервјуто, односно документарецот „Трите“ на „А1он“, објавен во септември 2017-та, кој ги третира животот и работата на трите обвинителки од СЈО – Катица Јанева, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи.

„И јас си го поставувам тоа прашање, многу пати – каде се гледам после пет, десет години… Најпрво се гледам како обвинител, би сакала да продолжам со мојата професија. Имам уште енергија за нови предизвици и се надевам дека ќе има уште што да покажам од моите организациски, персонални и стручни квалитети… Еве првпат ќе го кажам јавно, можеби и не треба; Но уште кога бев обвинител во Гевгелија и немаше никакви знаци дека ќе има СЈО, мислев дека после некое време, околу 5 години, можеби и ќе се заситам од оваа обвинителска работа, така што би сакала да се обидам во политиката, како градоначалник на Гевгелија или пак пратеник, нешто такво. Е сега, се надевам и дека дотогаш ќе се променат некои работи и во политичките партии, дека ќе се гледа повеќе на професионалноста на пратениците и градоначалниците. Да не биде толку политички изразено тоа, туку да биде политиката врзана за човекот, а не обратно, човекот да биде врзан за политиката. Па, зошто да не?“, рече со насмевка тогаш Јанева.

- Реклама -