Млад човек, правник, кој бил и министер и кој може да се постави во делот на превенција, укажување, етички кодекси и координирање институции… Вака новиот премиер Зоран Заев го опиша генералниот секретар на СДСМ – Љупчо Николовски, кој во новата влада ќе биде носител на нова функција – вицепремиер за борба против корупција.
Како што објасни Заев, улогата на Николовски ќе биде координација на институциите како Финансиска полиција, УЈП, инспекторатите и МВР.
„Надлежностите на институциите остануваат, но нивната координација е клучна за да биде поголем ефектот во борбата против криминалот и корупцијата“, истакна Заев, и направи споредба со функцијата вицепремиер за економски прашања, која исто така има координативна улога и обединување на повеќе ресори.
Со поголема координација на институциите ќе биде поголема и нивната ефикасност – тоа се резултатите што јавноста и граѓаните ги очекуваат, но тоа е и чекорот со кој новата влада очекува да има поуспешна борба против криминалот и корупцијата, додаде Заев.
Како што истакна, новата функција е замисла, но ќе биде структурирана со одлука на владата со посебен опис и попис на надлежности.
Љупчо Николовски, пак, синоќа на Фејсбук му се заблагодари на Заев за довербата да го предложи за вицепремиер за борба против корупција:
„Почитувани пријатели, ви благодарам што со ваша поддршка вртиме нов лист во развојот на нашата држава. Му благодарам за довербата на премиерот Зоран Заев за тоа што ми дава голема одговорност со тоа што ме предлага на позицијата вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси.
Ви давам збор дека откако ќе добијам чест да стапам на таа позиција по дискусијата во Собранието, ќе дадам сè од себе за да донесам максимални резултати со кои како граѓани ќе се гордеете.
Мораме да одиме напред, не смееме да застануваме. Ќе се бориме заедно и ќе донесеме нови позитивни промени. Верувам во многу подобро утре. Знам дека #можеме!“, порача Николовски.