Иако досега официјално писмо во Казахстан беше кирилицата, претседателот Нурсултан Назарбајев потпиша ставка за преминување кон латиницата.
Исто така, дадена е препорака за што побрзо формирање на казахстанска латиница, еквивалентна на кирилицата. Новата азбука ќе содржи 32 букви на латиница.
До 20-тите години од минатиот век во Казахстан се користело арапското писмо, кое потоа е заменето со латиницата, којашто пак е користена во следните 20 години. Потоа, Казахстан преминал на кириличното писмо од 42 букви.
Иницијативата за враќање на латиницата во казахстанскиот јазик е покрената во април оваа година, поради, како што изјавил Назарбајев, потребата да се биде во тек со технологијата и комуникациите.
Со ова, Казахстан во последните 100 години го има сменето официјалното писмо три пати.