Кацарска: „Пратениците мора да смогнат сила и да го почитуваат Уставот“

Пратениците мора да смогнат сила и да го почитуваат Уставот – да го комплетираат Уставниот суд, порача Добрила Кацарска, претседателката на Уставниот суд, во интервју за „Слободна ТВ“, по повод актуелниот проблем со недостиг на уставни судии.

„Колку што имам информација, веќе заврши дискусијата за двајца судии, тоа значи дека остануваат уште две непополнети места и, според мене, секако дека е добро што ќе се изберат двајца судии, но сметам дека пратениците мора да смогнат сила и да го почитуваат Уставот, да го комплетираат Уставниот суд, затоа што Уставот предвидува девет судии“, рече Кацарска.

Во врска со последните обвинувања во Собранието околу изборот и предлагањето на кандидатите за уставни судии, Кацарска одговори дека таа веќе има свој став за тоа затоа што си ја знае работата, но, рече, нема да коментира за да нe го кажува однапред мислењето, туку ќе го каже во салата за седници.

На тема доверба во судството, Кацарска истакна дека во земјава има судии, обвинители и адвокати со кои може да се гордее, но за жал има и такви на кои не им е местото во судството.

„Ако зборуваме постојано за корупција а немаме конкретни предмети, тогаш како ќе ја вратиме довербата? Не значи дека еден судија треба да биде само разрешен поради нестручно постапување, јас секогаш велам, дајте да видиме кој од нас со каков имот располага, кој како се однесува и какви средби има со политичари. Јас постојано велам, мора институциите да се позанимаваат со судството. Јас сум човек којшто зборува отворено и тврдам дека мора да се провери имотот на судиите“, рече претседателката на Уставниот суд.

Во однос на политичките напади, Кацарска изјави дека тоа се лаги и невистини и дека политичарите го прават за свои политички поени, и затоа не допира до неа.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

„Не е лесно да си судија… зборуваме за судии професионалци, чесни судии. За нас таквите е важно секој еден доказ да го ставаме пред нас. Треба да се аргументира секој доказ, вербален или материјален сеедно, врз основа на тие докази ги носиме пресудите. Со оглед на големиот број на пресуди коишто сум ги донела, тоа се илјадници пресуди, тоа значи многу ноќи непреспиени. Не е лесно да изречете казна затвор макар и од 30 дена, кога ги читам пресудите јас повеќе не размислувам за ништо затоа што веќе сум убедена дека мојата одлука е исправна“, рече Кацарска на прашањето како се чувствувала кога ги читала пресудите на високите функицонери.

Кога ќе одлучите да бидете судија, додава таа, знаете дека тоа може да има последици по вашата безбедност и мора да сте цврст, јак човек и не треба да се плашите.

„Судијата треба да биде професионален, стручен, да почитува законите и ништо повеќе од тоа. Има опасности; на пример, додека ги судев предметите од СЈО, имаше ризик за мојата безбедност и ден денска се случуваат непријатни ситуации, но во ниеден момент не се плашам. Единствено морам да бидам искрена и да признаам дека нелагодно се чувствував пред изрекување на тие пресуди, бидејќи многу знаење, многу труд, многу енергија вложив во тие предмети и не посакував да ми се случи нешто додека не ги објавам тие пресуди, затоа што граѓаните на Република Северна Македонија заслужуваат да знаат што точно се случувало во тој период. Мора да има владеење на правото“, заклучи Кацарска.

Извор: МИА

- Реклама -