Катимерини: Грција нема да ја блокира Македонија, но ќе бара нешто и од нас и од Германија

Грција нема да ги блокира амбициите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, но ќе очекува одредени отстапки за возврат, наведува грчкиот весник „Катимерини“, пренесувајќи ги ставовите на грчките политички аналитичари.

Весникот потсеќа дека Европската комисија препорачала одредување на датум за почетокот на преговори за членство на двете земји во ЕУ и дека сега останува Советот на ЕУ во октомври да ја усвои конечната одлука по ова прашање.

Извори од кабинетот на премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, за “Катимерини” изјавиле дека Грција на никого нема да му каже “не”, но дека ќе постави свои услови.

Аналитичарите оценуваат дека таквиот став значи дека Атина ќе бара од Скопје стриктно почитување на Преспанскиот договор.

Кога станува збор за Албанија, аналитичарите проценуваат дека Атина ќе инсистира на поголемо почитување на правата на грчките малцинства во таа земја, во склад со меѓународните договори и регулативи.

- Реклама -