Доколку одложувањето на пристапниот процес на нашиот северен сосед во ЕУ се одложи на недефинирано време, се доведуваат во опасност одредбите во Преспанскиот договор кои наложуваат името „Северна Македонија“ да се користи „ерга омнес“, пишува грчки „Катимерини“ повикувајќи се на правни експерти.
Практично гледано, Договорот предвидува дека во отсуство на пристапни преговори, владата во Скопје нема да биде обврзана да го користи новото име во внатрешна употреба. Скопје сѐ уште е обврзано да се нарекува себеси Северна Македонија во странство/меѓународна употреба, но без притоа да направи било какви промени внатрешно, објаснува весникот.
Проблемот го посочил поранешниот вицепремиер и уставен експерт Евангелос Венизелос во неделата. Тој истакнува дека во Членот 1, параграф 10 од Договорот, транзицискиот рок за употреба на новото име во документите за внатрешна употреба зависи од отворањето на пристапните преговори. Оттаму, вели тој, неотворање на пристапните преговори дозволува одложување на внатрешната примена на новото име, односно одложување на употребата по принцип „ерга омнес“.
Со оглед дека главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се противи на Договорот, истиот ќе биде доминантно прашање во раните избори во април закажани по барање на премиерот Зоран Заев, пишува „Катимерини“.