Респираторните вирусни инфекции се главна причина за пандемија во последните дваесет години. Вирусите САРС (тежок акутен респираторен синдром) во 2002 година, свински грип (H1N1) во 2009 година и МЕРС ( средно источен респираторен синдром) во 2012 година предизвикаа воспаление на белите дробови (пневмонија) и зголемена смртност кај луѓето во светот.
Вирусните инфекции предизвикуваат системско воспаление кое може да води до акутни и хронични кардиоваскуларни случувања. Исто така, тежината на примарниот респираторен проблем и можноста за сериозни компликации е поголема кај пациенти со постоечки заболувања на срцето и крвните садови (кардиоваскуларни заболувања).
Првите публикувани студии за COVID-19 укажуваат дека 50% од хоспитализираните пациенти имаат некакво хронично заболување, од кои 40% спаѓаат во групата на кардиоваскуларните заболувања. Во најголемата клиничка студија за COVID-19 досега, најчестите компликации од кардиоваскуларни случувања помеѓу пациентите на интензивна нега се акутна срцева слабост дури и кардиоген шок, миокардитис и аритмии.
Хроничното кардиоваскуларно заболување може да се дестабилизира при вирусна инфекција, како резултат на нерамнотежа помеѓу зголемената метаболна потреба при инфекцијата и намалената резерва на срцето.
Воспалението предизвикано од вирусот може да предизивика руптура на атеросклеротски плак во крвните садови и последователна тромбоза, која може да доведе до развој на инфаркт. Оваа можност е поголема кај пациентите со веќе постоечка коронарна болест (запушувања на артериските крвни садови во срцето) и срцева слабост. Од овде произлегува уште поголемата потреба од редовно користење на пропишаната терапија (аспирин, статини, бета блокатори и инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим).
Пациентите со артериска хипертензија, дијабетес мелитус, пушење и дебелина се со зголемен ризик од компликации од инфекции.
И покрај тоа, досегашното искуство вели дека кардиоваскуларните компликации се поретки и вообичаено се последица на примарни респираторни компликации. Пациентите со претходни кардиоваскуларни заболувања имаат најголема смртност.
Докторите од европските земји, каде има многу голем број на инфицирани луѓе со COVID-19, утврдија дека пациентите со акутен коронарен синдром доаѓаат подоцна од вообичаено, често во фаза на кардиоген шок.
Почитувани граѓани, нашата болница продолжува да спасува животи и во време на пандемија. Сите што имаат градна болка не треба да чекаат и да се плашат од инфекција бидејќи и покрај пандемијата, луѓето сеуште умираат од кардиоваскуларни заболувања повеќе отколку од вироза со COVID-19.
Почитувани пациенти, нашиот тим ви посакува да останете безбедни и што побезболно да го поминеме периодот на борба против нашиот нов невидлив непријател.
Сите совети за превенција од акутни случувања продолжуваат и во вонредни состојби. Останете физички активни, внимавајте што јадете и колку јадете, мерете редовно крвен притисок и гликемија, редовно земајте ја пропишаната терапија.
Прилагодете ги советите од вашиот кардиолог на новонастаната состојба.
Со почит,
Д-р Милка Клинчева
Кардиолог