Кардиналите на Римокатоличките цркви, вкупно 115, денеска на тајна конклава во Сикстинската капела, ќе продолжат со гласање за наследникот на Бенедикт XVI, кој на 28 февруари добороволно го напушти понтификатот.
Синоќа бил пуштен црн чад од оџакот на Сикстинската капела, што означи дека на првиот ден од конклавата не е избран новиот Папа. Кардиналите денеска попладне ќе го продолжат гласањето во уште два круга, а ако новиот поглавар на Римокатоличката црква не биде избран, гласањето ќе се повтори уште два пати и попладне.
Ако ниту после четвртиот и петтиот круг новиот Папа не биде избран, ќе се гласа и утре по истиот распоред. Кога ќе биде избран новиот Папа од оџакот ќе излезе бел дим и ќе се огласат ѕвоната на базиликата Свети Петар.
Портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди, изјавил дека конклавата може да трае најмногу четири дена. Папата треба да ја добие поддршката на двотретинското мнозинство, така што на новиот поглавар на 1,2 милиони верници му се потребни 77 гласови.