Тања Каракамишева – професорка по Уставно право и советничка на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, ги повика најголемите противници/скептици околу европроширувањето меѓу членките на ЕУ – Франција, Германија, Данска и Холандија, да останат „истрајни на одлуката“ и да не одобрат датум за почеток на преговорите на земјава со Унијата.
Според Каракамишева, недобивањето датум ќе значи пад на актуелната влада, што ќе го отвори патот за „народот да си ја врати татковината во свои раце“. Својот повик преку Фејсбук, Каракамишева го завршува со паролата на Шарената револуција – „Нема правда, нема мир!“.
Каракамишева алудира на интервјуто на премиерот Зоран Заев за белгискиот „Le Soir“, каде тој вели дека ако земјава не добие датум, ќе го врати мандатот.