Каракамишева: Колку пратеника би освоила секоја партија со новиот изборен модел

Статус на Тања Каракамишева:

Изборно шибицарење. Зошто токму сега и зошто токму од Лиле и на неа сличните доаѓаат изборни предлози за менување на изборните правила?

Зошто Лиле и сличните имаат потреба токму сега да го одвлечат вниманието на јавноста од големите теми – барањето одговори и одговорност на власта за склучените велепредавнички договори, каде се парите од Рекет 1, Рекет 2, зошто нема инвестиции, зошто нема одговорност за промена на името, идентитетот…

Пајтон партиите од типот на ДОМ, ДС, и други минорни субјекти повторно во обид да го покријат Заев од дебаклот на своето владеење и од националното дно што го допре со спроведувањето на предавничките политики.

Лиле и сличните на неа со поднесените иницијативи за изборни промени на 6 месеци пред избори, спротивно на сите европски стандарди, во дил со Заев, имаат за цел да зборат за се во Собранието само не за клучните теми што ги мачат граѓаните-предавничките договори, сиромаштијата, енормните долгови на државата, загадениот воздух, засилената корупција, организираниот криминал, непотизмот и политизацијата на судството, матните тендери, неефикасното обвинителство…

Без разлика како ќе помине иницијативата за една изборна единица во Собранието јавноста има право да знае дека станува збор за тешка манипулација и врв на полтронството што малите партии го демонстрираат кон Заев.

Образложението дека малите партии, ако се усвои предлогот за една изборна единица, ќе имаат поголема претставеност во Собранието, а со тоа и поголема политичка моќ, е една голема изборна измама, бидејќи ниту ДОМ ниту која било друга мала партија не планира да излезе сама на избори, или да ги напушти големите коалиции каде што во континуитет се добитен декор.

Декор кој постојано ги носи на власт-час со едната, час со другата коалиција. Зошто Лиле би си го рушела тој комодитет постојано да биде во власта и зошто би се одлучила сама да гази по политичките мини кога некој друг тоа го прави за неа?

Па таа и другите како неа се цело време во власта и вака и така, и со една и со шест изборни единици. Нема логика да се тепа за нешто што е помалку доходовно за неа, нели?

Единствената логика на нејзината наводна загриженост за изгубените гласови на граѓаните е како тие да се слеат во бунарот на Заев и на партиите кои Заев ги држи под контрола.

Едноставно, малите партии ТРЕБА ДА ОДРАБОТАТ ЗА ЗАЕВ како награда за нивната постојана вклученост во делбата на владиниот колач.

Која би било инаку другата причина?

Знае Лиле, знае Тито, знае Павле знаат сите дека еден пратеник плус минус на нивното изборно конто нема да има поголема моќ за промена на целата политичка слика на терен. Ниту тие имаат политичка релевантност, ниту некогаш би ја добиле од јавноста ако настапат сами. Шлепер политика се тие. А таква политика не носи успех на долг рок.

Токму затоа сосема е сигурно дека малите партии предизборно се ставени во скутот на Заев и во обработка на материјалот кој ќе му донесе поголем профит на Заев.

Ова ќе го отсликам и објаснам и со конкретни бројки.

Ако Македонија е една изборна единица и ако се прифати предлогот да нема изборен праг, тогаш мандатите поделени меѓу партиите би биле следниве:

ВМРО-ДПМНЕ со освоени 454.577 гласа во 2016г. доби 51 мандат, а во услови на една ИЕ и без изборен праг би добиле 48 пратеника.

СДСМ во 2016г. со освоени 436.981 глас добија 49 мандати, со новиот предлог би освоиле 47 мандати.

ДУИ во 2016г. со освоени 86.796 гласа добија 10 пратеника. Со една изборна единица под услов на ист број освоени гласови и без изборен праг би добиле 9 пратеника.

БЕСА во 2016г. освоија 5 пратеника од вкупно освоени 57.868 гласа. Во случај на една изборна единица би добиле 6 пратеника.

Алијансата на Албанците во 2016г. од вкупно 35.121 глас освоија 3 пратеника. Со една изборна единица би освоиле исто 3 мандата.

ДПА во 2016г. со освоени 30.964 гласа добија 2 пратеника. Со една изборна единица би освоиле 3 пратеника.

ВМРО-Народна во 2016г. со освоени 24.524 гласа не добија мандат, ако Македонија е една изборна единица би добиле 2 мандата.

Левица која во 2016г. исто не доби мандат во Собранието, а имаа освоено 12.120 гласа, ако се прифати предлогот за една изборна единица би освоила 1 мандат.

Истото би се случило и со Третиот блок партии кој би добил 1 мандат.

Заклучокот од анализата е дека 5-те изгубени мандати од големите партии (ВМРО-ДПМНЕ би изгубил 3, СДС 2 мандата) плус 1 мандат изгубен од ДУИ би се прелеале во БЕСА (+1), ДПА (+1), ВМРО-Народна +2, Левица +1, и Трета +1.

Легитимното прашање што јавноста и го поставува на Лиле и сличните е што ќе добијат граѓаните од оваа релативно мала партиска прераспределба?

Дали овој сооднос на мандати ќе ги поништи предавничките договори? Дали ќе ја сопре политиката на губење/продавање на македонските интереси? Дали ќе ја намали сиромаштијата?

Дали ќе внесе инвестициски бум во земјата? Дали ќе направи нови работни места? Дали ќе ја намали корупцијата? Дали ќе се спречи енормниот криминал?

КОЈ ги контролира овие партии во моментов, и КОЈ може да им понуди на албанските партии СЕ ШТО СОНУВАЛЕ? Кој е човекот што на сите мали партии ќе им влезе со ALL IN понуди спротивно на барањата и желбите на електоратот?

КОЈ е шибицарот што се крие зад овие предлози? Нема дилема…тоа е Зоран Заев. Кој ќе изгуби од целава оваа Заева ујдурма? Нормално….пак и повторно Македонците.”

- Реклама -