„Ние зборуваме за нешто многу просто“, вели Каракачанов во интервју за БНТ. „Ние не им забрануваме на луѓето во Македонија да се нарекуваат како сакаат. Но, таа нивна самоопределеност не може да биде на сметка на украдената бугарска историја и идентитет, и уште полошо – не само украдена, туку и до тој степен манипулирана за да воспитува на антибугаризам – на омраза кон Бугарите, Бугарите кај нив во Македонија, кај Бугарите во Бугарија и бугарската држава“, рече тој.
Според него, Бугарија нема ништо против што луѓето во Македонија решиле да ја прифатат „таа коминтерновска-југословенска монтажа за некаква одделна нација“, бидејќи тоа си било нивно право.
„Но, на ваша територија има едни луѓе кои продолжуваат да се самонарекуваат Бугари и воопшто не се малку. Тие продолжуваат да си го нарекуваат јазикот бугарски. Каде се нивните права?“, додаде Каракачанов, па ги посочи обраќањата на премиерот Зоран Заев, конкретно деловите кога ги набројува етничките заедници во државава, како доказ за обесправеност на Бугарите во Македонија:
„Вчера или пред некој ден видовме изјава на македонскиот премиер кој изразува разочарување од политиката на Бугарија и набројува кои се засегнатите народности во Македонија – Македонци, Албанци, Турци, Срби, какви ли не, Бошњаци… Одете на интернет, Бошњаците во Македонија се 3.500 души, но и тие се избројани. Каде се Бугарите? Значи, тоа што покажува? Дека политичарите во Скопје сметаат дека ќе можат со старата коминтерновско-југословенска политика да влезат во ЕУ и потоа, од позицијата во ЕУ, да ни ги наложуваат своите норми. Тоа никако не може да го дозволиме“, тврди Каракачанов.
Тој не појасни дали неговата изјава се однесува и на тие близу 77 илјади Македонци кои во изминативе 10 години земале или побарале бугарско државјанство врз основа на своето бугарско потекло. Сепак, ако навистина го послушате и отидете на интернет, ќе видите дека – според пописот од 2002 година – во Македонија тогаш живееле 17.018 Бошњаци (0.13%) и 1.417 Бугари (0.07%).