Каракачанов го пречекува Бучковски: Со таков дивјачки менталитет во Македонија, разговорите се губење време; Умот ги лаже ако мислат дека Бугарија ќе направи компромис

„Јас лично сметам дека Бугарија има јасна позиција и крајно време е во Скопје да почнат да ги читаат решенијата на бугарскиот парламент. Мислам дека да се прават чаршиски муабети нема смисла“, изјави денеска бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, непосредно пред средбата со специјалниот претставник на Владата на РСМ – Владо Бучковски, за која потврди дека е закажана за во 18 часот.

Како што рече Каракачанов, ова ќе им биде трета средба по повод спорот меѓу двете држави. Сепак, тој не очекува било какви резултати:

„Г-н Бучковски е добронамерен човек, има политичко искуство, тој е писмен човек, со добар однос кон Бугарија и неслучајно е избран преговарач и посредник, но мислам дека властите во Скопје го искористуваат. Го искористуваат за да демонстрираат добра волја. Самиот тој има добра волја, но тие кои го испраќаат, немаат. Така мислам јас.

Затоа што 3.5 години не направија ништо и сега продолжуваат да сметаат на тоа дека, и покрај решенијата на бугарската влада, и покрај решенијата на бугарскиот парламент, може да се постигне компромис кој ќе биде компромис од бугарска страна. А тоа не може да се случи“, рече Каракачанов, па, како и обично, продолжи со критики за  тоа што пишува во македонските учебници и теории за создавањето на македонскиот идентитет:

„Додека секој ден отвораш учебник по историја во Македонија и внатре пишува дека ние Бугарите сме фашисти, окупатори, татари и што ли не, разговор не може да има. Така сметам јас. Не додека тие нешта не прекинат.

Аргументот ‘ама чекајте, ние имаме право да си го самоопределиме идентитетот’ е апсолутно несериозен. Никој не ти дава такво право. Ти имаш право да го заштитуваш својот идентитет таков каков што е и од тогаш од кога изникнува, а не крадејќи туѓа историја да си создаваш лажен идентитет и да ми кажуваш ‘ама не е европски да ни негирате да имаме свој идентитет’. Ами вие си го имате идентитетот создаден од Коминтерната и Јосип Броз Тито, заштитувајте си го, никој не ви посега по него. Но цар Самоил е бугарски цар, тој не војувал против Бугарија – како што пишува во вашите учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори, татаро-монголско племе и сѐ уште, и покрај 70-годишните промени во јазикот, сѐ уште зборуваме едни со други без преведувач, зборуваме на ист јазик“, рече Каракачанов.

Според него, сѐ додека во Македонија се полага надеж дека Бугарија ќе попушти, нема смисла да се разговара:

„Сѐ додека таму постои говор на омраза, сѐ додека таму некој смета дека ќе искористи надворешни фактори за да ја притиска Бугарија, или дека ситуацијата во Бугарија ќе се промени по евентуалната смена на владата, нема смисла да разговараме, мислам дека е губење време“, рече тој, додавајќи:

„И друго, тие забораваат еден основен факт, што им го напомна министерот за надворешни работи на Португалија пред два-три дена; Проблемите не се меѓу Бугарија и Северна Македонија, проблемите се меѓу ЕУ и Северна Македонија. Зашто проблемите на една држава-членка, како што е Бугарија, или претходно Грција, се проблеми на целата ЕУ. Така што, манипулациите во Скопје, обидите да надмудруваат и да оцрнуваат, се проблеми за целата ЕУ, а не само за Бугарија. Нивната тактика е многу проста – демонстрираат и имитираат активност и добронамерност, испраќајќи го господин Бучковски, насекаде изјавувајќи дека се подготвени за преговори и разговори, а за тоа време, што се случува: Луѓето кои имаат изјавено бугарска самосвест во Македонија се подложени на притисоци, вклучително луѓе кои имаат бугарско државјанство и возат автомобили со бугарска регистрација. Тие се запирани, им се прави проверка, им се пишуваат глоби, луѓе кои работат се преместувани на полошо работно место. Буквално им се вели ‘е така ќе биде од сега натака со вас Бугарите’. Точно, се прават и списоци со тие што изјавиле дека се Бугари, а имаше и претходно друг случај со државен службеник кој предложи тие луѓе да бидат екстрадирани во Бугарија.

Додека таму постои таков менталитет, дивјачки, од 19 век, додека таму има таков однос кон Бугарите и таков двоен стандард, не гледам никаква основа да се очекува никаков напредок“, рече вицепремиерот.

Прашан дали се оди кон анекс кон Договорот за добрососедство, Каракачанов истакна:

„Видете, владата донесе одлука и парламентот ја потврди, а таму се опишани проблемите кои треба да бидат решени. Но, пак ќе речам, во моментов политичарите во Скопје играат игра. Тие не се чесни кон Бугарија и тоа го кажувам најодговорно, како вицепремиер, а не како претседател на ВМРО-БНД. Тотално се нечесни. Зашто за време на целиот преговарачки процес минатата година, додека водеа преговори со нас, зад грбот ни одеа и правеа интриги и пуштаа провокации кај нашите европски партнери, неводејќи сметка дека на крајот на краиштата Бугарија, како членка на ЕУ, зборува со сите тие луѓе и ќе разбере за што станува збор. Во моментов, пак ви кажувам, нивната тактика е следната: Нив им е јасно дека следните 6 месеци нема да се постигне напредок бидејќи на Португалија не ѝ е приоритет проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Тие сметаат на тоа дека во тие шест месеци додека трае португалското претседателство, ќе се случат изборите во Бугарија и ќе има нова влада, а во исто време ќе се смени и администрацијата во Вашингтон, тие сметаат на администрацијата на новиот американски претседател и таа ќе стапи на функција до крајот на јуни. И по јули, кога ќе дојде ред на словенечкото претседателство, а Словенија безрезервно ја поддржува Северна Македонија за ЕУ, ќе успеат да го реализираат притисокот согласно нивните сфаќања – до компромис од страна на Бугарија“.

Според Каракачанов, таквите надежи се само заблуда:

„Меѓутоа, умот ги лаже, зашто тоа не е можно. Вие гледате, во Бугарија сме поделени за сѐ, вклучително и на темата Ковид-19 која секој ден зема жртви. Но по темата Македонија 84% од населението има еден ист став – дека компромис не треба да се прави. Јас не гледам кој е тој политичар, без оглед дали е од сегашната власт или од тие кои ги пеглаат панталоните подготвувајќи се да влезат во идната влада, кој би направил таков компромис каков што тие очекуваат. Така што, подобриот начин е да седнат чесно и да разговараат нормално, да не ги користат тие тактики од југословенските вечеранки, зашто тоа не може да се случи. Стопати им го повторувам и на Заев сум му го кажал барем четири пати во последните две години, но за жал, не ме разбираат. Проблемот не е наш. Не е Бугарија таа што ја запира Македонија. Политиката на раководството во Скопје ги запира македонските граѓани кон Европската унија“, рече Каракачанов.

- Реклама -