Каракачанов: Бугарија не ја блокира Македонија, Македонија сама се сопнува на патот кон ЕУ

„Никогаш не сум ги видел Бугарите толку обединети како по темата за СР Македонија. 84% од бугарскиот народ е за тоа Бугарија да не ја допушти кражбата на историјата и понижување на достоинството“, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, пренесува БГНЕС.

Според него, било каков компромис со историјата на бугарскиот народ би претставувал национално предавство на Бугарија. „Тој што би го прифатил, неговата слика треба да биде поставена до таа на Георги Димитров, кој го наметнуваше македонизмот насилно во Пиринска Македонија“, вели Каракачанов, кој е категоричен дека Софија во никој случај нема да допушти компромис со РС Македонија:

„Ние немаме право да дозволиме во ЕУ да влезе една држава со нов идентитет на антибугарска основа“, рече тој за БНТ.

Тој потенцира дека Бугарија не е таа што ја запира Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, туку, како што тврди, „Македонија сама се сопнува со тоа што не сака да развива нормални односи“.

„Скопје не направи ништо за да ги сопре фалсификувањата на историјата и јазикот на омразата. Ние не сме претставници на турско-татарско племе, како што пишуваат во македонските учебници по историја. Ние не сме окупатори, фашисти и убијци. Не можеме да поддржиме една држава која на основа на кражбата на бугарската историја создава нов идентитет со омраза кон бугарскиот народ“, упорен е Каракачанов.

Прочитајте и:  Николоски: Корумпирани политичари од Бугарија сакаат да ги уништат односите, ја користат Македонија како предизборна тема

За Македонија да ја добие поддршката од Бугарија, според него, за почеток треба да се надминат/отстранат анахронизмите од времето на Југославија и Тито.

„Таков е случајот со еден од националните празници кои го чествуваат крај Вардар на 11 Октомври. Станува збор за ‘восатнието против бугарските окупатори’, кое всушност претставува убиство на двајца полицајци во Прилеп од грст комунисти. Самите полицајци се родум од Македонија – едниот од прилепско, а другиот од битолско. Сакаат бугарска поддршка за ЕУ, а продолжуваат да го празнуваат тој ден. Тоа е дволично“, оценува Каракачанов.

- Реклама -