Капитализмот ќе го уништи човештвото и светот до 2050-та година

Многу од причините се познати од одамна, некои од нив не се табу дури ни за мејнстрим медиумите веќе со години, но кога вакви статии ќе почне да објавува и самиот Forbes, тоа е веќе сериозен знак.

Се работи за колумна/анализа на Дру Хансен околу тоа зошто капитализмот во ваков облик ќе го уништи човештвото до средината на веков.

Прво, затоа што животинските и растителни видови денес изумираат 1000 пати побрзо отколку било кога порано во последните 65 милиони години.

Само од 2000-та година наваму, ширум светот се исечени 6 милиони хектари шума. Хансен тоа го споредува со површината на американската држава Западна Вирџинија.

Сиромаштија? Дури и во едни САД под границата на сиромаштијата живеат 15% од Американците, т.е. 20% деца и млади помлади од 18 години.

Паралелно, во свет во кој ресурсите се ограничени, се предвидува дека со оваа стапка на раст на населението, до 2050 година на Земјата ќе живеат 10 милијарди луѓе.

Не ни треба Трамп

За пропастот на човечката раса и животот на Земјата не е неопходна помош од Доналд Трамп, истакнува Хансен. Доволно е просто да се остави актуелниот капитализам да го води светот по инерција – преку уништување шуми, неодржливо земјоделство, развој на инфраструктура, уништување на природните живеалишта, и – најлошо од сé – климатските промени. Сето тоа додека паралелно продолжува да се потпира на фосилни горива и недоволно брз развој на инвестициите во полето на обновливите извори на енергија.

Исцрпување до максимум

За сé поагресивното трошење на ресурси на Земјата како последица на капитализмот и корпорациите, т.е. за капиталистичката самоубиствена фантазија за „бесконечен раст“, пред две години пишуваа и професорите Кристофер Врајт и Данеил Нијберг во нивната книга „Climate Change, Capitalism, and Corporations“.

Тие објаснуваат дека корпорациите пронаоѓаат „сé покреативни начини“ за исцрпување на светот, односно опишуваат образец на однесување кој Хансен силно го потсетува на романот „Американски психо“ од 1991 година, совршено екранизиран во 2000 година во истоимениот филм со Кристијан Бејл. Се работи за сатира за млад инвестициски банкар по име Роберт Бејтман од Менхетн во 1980-тите. Интересно е што Бејтман е напросто опседнат со ликот и (не)делото на Доналд Трамп.

По таа линија и Хансен во својата анализа, освен во преоѓање кон обновливи извори на енергија, спасот на светот го гледа во сето она што Трамп очигледно не е. Спасот е во преоѓање од сегашниот капитализам кон егалитарно (еднакво) општество, во кое работниците би имале удел во акциите и би учествувале во носењето одлуки. Во таков свет, пишува Хансен, при одлучувањето корпорациите би биле посвесни за последиците по светот, особено кога во прашање се локалните заедници во кои работат и неретко ги уништуваат.

„No matter how much coal
you shovel in the mouth of your child,
These furnaces still want more, 
These furnaces still want more…“

- Реклама -