Канје Вест – милионер, љубител на торенти

Музичкиот, модниот и каков ли уште не самопрогласен могул пак е во центар пажња. Овој пат, дека го уловија во невидена хипокризија.

Пред некој ден, Канје твитна скриншат од десктопот на неговиот компјутер. На сликата имаше Youtube прозорец од песната „Death With Dignity“ на Суфџан Стивенс. Ништо посебно. Ама твитерџиите фатија да копаат.

Прво што најдоа е дека Канје има отворен таб со најозлогласената и најомилената страна за онлајн пиратерија – Pirate Bay, која Канје толку многу ја мрази, што сакаше и да ја тужи. Твитерџиите заклучија дека Канје не само што гледа Youtube (наместо ете да го купи албумот на Стивенс, како што не тера нас да го купиме неговиот), туку и симнува пиратски содржини како сите обични смртници (што е чудно, зашто Канје е уствари бог).

„Раперот“ исто така има и отворен таб за програмата за едитирање на музика Xfer Records Serum, ама и Media Downloader, која се користи за симнување видеа од Youtube. На десктопот на Вест има и поп-ап прозорче од MacKeeper, кој обично е отврен кога некој користи сајтови за симнување на содржини. На неговиот Safari пребарувач видлив е и спам поп-ап прозорец што гласи „Attention!“ – толку типичен за торент сајтовите.

untitled-png-png[1]

Ништо од ова немаше да биде толку страшно ако Канје не ги испозамараше фановите околу последниот негов албум, кој исто така се најде по торентите. Тој го објави албумот на сервисот за музички стриминг – Tidal и упати бројни молби до фановите да ја симнат официјалната апликација на сервисот и таму да го слушаат албумот. Ама пиратите го навјасаа. Се проценува дека албумот му бил нелегално симнат преку 500.000 пати. Според некои извори, Канје збеснал кога дознал дека „The Life of Pablo“ (албумот) е ставен на Pirate Bay и се заканил дека ќе ги тужи.

Очигледно нема да го направи тоа, затоа што и самиот е фан на страната.

Да се разбереме. Не ни е гајле за Канје. Ама гајле ни е за пиратеријата, која добива многу повеќе негативен контекст отколку што заслужува. Затоа го пишуваме ова, за некогаш ако случајно ве гризне совеста заради некој торент, да се сетите дека и милионерите преферираат кога е бесплатно.

- Реклама -