И Канада заклучи дека Израел не стои зад нападот на болницата Ал Ахли во Газа

Канадското Министерство за национална одбрана вчера соопшти дека Израел не стои зад нападот на 17 октомври врз болницата Ал Ахли во Газа.

„Анализата спроведена независно од канадската разузнавачка команда покажува со висок степен на сигурност дека Израел не ја нападнал болницата Ал Ахли на 17 октомври 2023 година“, се вели во соопштението.

Нападот е поверојатно предизвикан од залутана ракета истрелана од Газа, заклучи Министерството за одбрана, врз основа на анализа на отворени извори и доверливи информации.

Наодите на Канада се слични на оние на Франција и САД. Канада соопшти дека нејзината проценка се заснова на анализа на штетите од експлозијата во болничкиот комплекс, вклучувајќи ги соседните згради и областа околу медицинската установа, како и моделот на патеката на летот на проектилот.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Палестинските власти соопштија дека 471 лице загинале во вторникот во експлозијата во болницата Ал Ахли.

Министерството за здравство на Газа го обвини израелскиот воздушен напад, додека Израел рече дека експлозијата била предизвикана од неуспешно лансирање ракета од страна на милитантите.

МИА

- Реклама -