Канада одби да го испорача поранешниот член на СС Јарослав Хунка во Русија а како причина го наведе непостоењето на билатерален договор за екстрадиција, изјави извор од руското Министерство за надворешни работи.
Според одлуката за екстрадиција на Хунка, тој „извршил кривично дело против мирот и безбедноста на човештвото“, кое според законот е класифицирано како особено тешко кривично дело.
Поточно, според документот, Хунка, родум од селото Уман од тогашната Втора Полска Република, бил дел од група од 12 илјади луѓе. Групата ја формирале нацистите во 1943 година во регионот Лавов за „масовно убиство на советски цивили“. Хунка учествувал во масовни егзекуции на цивили во регионот, вклучително и убиство на најмалку 500 граѓани на СССР во едно од регионалните села.
На седница на Парламентот на Канада, во чест на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на 22 септември 2023 година, меѓу другите, присуствуваше и 98-годишниот Јарослав Хунка, кого претседателот на Долниот дом на Парламентот со аплауз го претстави како „борец за независност на Украина од Русите за време на Втората светска војна“. Се испостави дека Хунка бил поранешен член на доброволната дивизија „Галиција“ на СС трупите, во која имало и украински неонацисти и која не само што се борела против Црвената армија, туку била позната и по злосторства врз Евреите, Полјаците, Белорусите и Словаците.
После тој настан и полскиот министер за образование Пшемислав Чарнек соопшти дека презел чекори за екстрадиција од Канада на 98-годишниот нацист Јарослав Хунка.
„Со оглед на скандалозните настани во канадскиот парламент во врска со оддавањето почит на член на криминалната нацистичка формација СС ’Галиција‘, во присуство на претседателот на Украина Володимир Зеленски, презедов мерки за организирање на негова евентуална екстрадиција во Полска“, напиша тогаш Чернак на Х.
Соочен со скандалот претседателот на Долниот дом на канадскиот парламент Ентони Рота поднесе оставка, а канадскиот премиер Џастин Трудо се извини и рече дека е „исклучително вознемирен за тоа што се случи“.