Пред 5 години првата земја што тоа го направи беше Уругвај, а отсега и Канаѓаните ќе можат слободно да ги користат сите деривати на канабисот. Канада денес станува втората земја во светот, а првата земја од „Западот“, каде станува легално одгледувањето, поседувањето и рекреативната консумација на канабис.
Легализацијата следи откако Сенатот во јуни годинава со 52 гласа „за“ и 29 гласа „против“ го усвои новиот закон. Поседувањето на марихуана во Канада во 1923-та година е прогласено за кривично дело, но медицинската употреба е легализирана уште од 2001 година. Со усвојување на новиот закон, меѓутоа, Канада станува првата членка на групата Г7 која ја легализира марихуаната – нешто што беше дел и од предизборните ветувања на актуелниот премиер Џастин Трудо.
Според новите одредби, полнолетните Канаѓани ќе можат да поседуваат до 30 грама канабис, кој ќе може да го набават од овластени трговци. Законот дозволува и одгледување до четири садници марихуана во домаќинствата.
Сепак, канадските медиуми предупредуваат дека легализацијата може да доведе и до проблеми во земјата, од аспект на тоа дека многу претприемачи ќе побрзаат да остварат профит.