Од вчера, во Канада започна тринеделно сослушување на кое официјални лица од сите полиња ќе расправаат за иднината на канадската конективност и ќе решаваат за тоа дали сите Канаѓани имаат право на евтин, брз broadband интернет.
Ова е голем проблем за Канада – некои рурални делови и делови од северна Канада немаат ни основна интернет структура, а цените што ги плаќаат за телеком се големи.
„Канаѓаните плаќаат некои од највисоките цени во индустријализираниот свет за интернет сервис, но и за безжичен сервис, исто така“, вели Дејвид Кристофер – менаџер по комуникации во OpenMedia. A OpenMedia е само една од непрофитните организации кои се залагаат за евтин и слободен (ненадгледуван) интернет и кои ќе одржат презентации за време на сослушувањето.
Суштинското прашање на расправата е тоа дали сите Канаѓани имаат право на загарантиран интернет сервис со мала брзина, како за тие на северот и во руралните региони, така и за оние во урбаните области кои не можат да си го дозволат.
„Кога ќе ги погледнете последните 25% од домаќинствата, според висината на приходите, само околу половина од нив имаат домашен интернет пристап. Тоа се десетици илјади, ако не стотици илјади деца кои растат во домови каде што нема интернет“, додава Кристофер.
Интернетот треба да е основно право, според непрофитните организации кои ќе учествуваат во расправата, бидејќи стана есенцијален дел од нашите животи и е неразделен дел од едукацијата на децата, гласањето (во Канада), медицинските истражувања и уште многу аспекти на долгата листа. Канадската влада делува како да се согласува – веќе цела декада ветува дека ќе го реши прашањето.
Ако интернетот се прогласи за неизоставен сервис, тоа предизвикува низа други прашања, како на пример како да се направи секој да добие пристап со еднаков квалитет. Австралија, на пример, ја зголеми интернет достапноста за 3%: 15% во домаќинствата со деца под 15 години и 9% кај руралните домаќинства, од 2013 наваму. Во Шпанија и Финска, интернетот е сметан за есенцијален сервис уште од 2011 година. За Кристофер, ова значи дека нивниот стремеж не е невозможен, иако се очекува да наиде на силен отпор од страна на телеком компаниите.
Резултатите и решенијата од расправата ќе бидат објавени за јавноста дури по неколку месеци.