Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, кој е во сопственост на Орце Камчев, ја продава биогасната централа во битолското село Логоварди која пред три години при пуштањето во употреба беше најавена како енергетска оаза во срцето на Пелагонија. Продажбата е објавена на Македонска берза каде пишува дека ЗК „Пелагонија“ го продава својот 100 процентен удел во компанијата „Пелагонија Енерџи Дооел“ по номинална вредност од 413.913.100 денари (околу 6,7 милиони евра). Во 2016 година кога сопствениците во придружба на претставници од тогашната власт ја сечеа црвената лента беше кажано дека инвестирани се 20 милиони евра во централата која е врзан систем со современата фарма од каде набавува суровини за работа.
Биогасната централа во Логоварди е најголема во земјава со инсталиран капацитет за производство на струја од три мегавати на час. Лиценца за производство на струја има до 2030 година, а електричната енергија која се смета за „зелена“ бидејќи е од обновливи извори и не загадува, може да ја продава по повластена цена од 180 евра за произведен мегават час електрична енергија.
СДК.МК писмено се обрати до ЗК „Пелагонија“ барајќи одговор на прашањата зошто се презема ваков чекор со најголемата биогасна централа во земјава? Како и тоа доколку се продаде, новиот сопственик од каде ќе набавува суровина за работа, односно измет од животни, зашто централата во моментов е поврзана со краварската фарма каде има над 2000 молзни крави. Воедно, и што ќе се случи со фармата ако остане настрана од централата објавена за продажба? Засега нема одговор.
Целта статија н СДК.МК