Камбовски: Затворите се претворени во училишта за криминал

Затворите се претворени во училишта за криминал и места каде се прават недозволени дејствија, а не во институции каде осудените лица ќе се ресоцијализираат и ќе се спречува криминалот, истакна академик Владо Камбовски.

Во рамките на седмата сесија на Охридската школа на природното право што се одржува во Охрид на тема „Одржување на демократско општество преку зајакнување на неговите институции“, Камбовски нагласи дека затворите се едни од клучните институции на правдата, кои се запоставени кај нас. Покрај институционални промени во однос на извршувањето на санкциите, смета дека треба да дојде и до промена на односот на судиите, односно судовите, на кој начин се извршуваат пресудите што тие ги донеле.

„Не може судот да ја донесе пресудата и понатаму да не го интересира што се случува во затворот. Постојат посебни судии за извршување на санкциите, кои треба да бидат стално ставени во мониторинг на целиот процес на извршување на казната. Не може судијата или судот да биде незаинтересиран што ќе биде со осудениот во затвор, па и после излегувањето“, рече Камбовски.

Прочитајте и:  Тошковски: Имаме голем број докази за криминали добиени преку SKY апликацијата, акциите веќе не протекуваат и сите што треба завршуваат зад решетки

Министерот за правда Никола Тупанчевски го дели ставот дека треба да се направи нешто во однос на забелешките за состојбата во македонските затвори.

„Треба нешто конкретно да се направи во однос на повеќе димензионалните забелешки кога се однесува на затворската популација и на затворите генереално во однос на здравствената заштита, подобрување на условите на осудените лица, итн. Дефинитивно ние покажавме и како држава пред извесен период дека сме решително подготвени состојбите да ги менуваме и тоа радикално“, подвлече Тупанчевски.

МИА

- Реклама -