Едно мало девојче постојано го праќале во подрумот за да земе компир за вечера. Еден ден, додека пребирала меѓу компирите, се симнал и нејзиниот татко.
– Што правиш? – ја прашал.
– Пробувам да ги најдам најситните компири за да ги искористиме денес за вечера. Крупните и поубави компири ќе ги искористиме подоцна.
Таткото, насмевнувајќи се, ги земал ситните компири од нејзините раце и ги вратил во купчето.
– Ако така постапуваш, секогаш ќе јадеме само ситен компир. Избери ги најголемите, наубавите компири за денес, па така ќе јадеме само најубав компир!
Девојчето го погледнало со прашален поглед, а таткото продолжил да објаснува:
– Она најдоброто што можеме да го направиме за нашите блиски не треба да го чуваме за некое идно време. Таа идна прилика може никогаш нема да дојде. Некои ова го викаат расипништво, или непознавање на штедењето, но, ако денес не го земеме најдоброто, прашање е дали утре ќе се потрудиме да заработиме уште подобро или ќе очекуваме само малку подобро од најлошото. Ако се потрудиме да го живееме најдобриот живот сега и овде, и да бидеме луѓе со добра волја во сегашноста, тогаш нема потреба да се грижиме за тоа дали ќе бидеме такви и во иднината.
А вие, го оставате ли најдоброто за крај?