Припадниците на таканаречената Исламска држава се распоредени за напади ширум Европа уште две години пред терористичките напади во Париз и Брисел, пишува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на разузнавачки податоци и транскрипти од испитувања на осомничени.
Оперативците на ИСИЛ првобитно планираа мали напади со цел да го тестираат безбедносниот апарат во Европа. Во меѓувреме, локалните власти ги занемаруваа предупредувањата што ги сносеа самите такви напади, оценувајќи ги како изолирани случаи, па не вложија ниту време, ниту труд за да ја проверат нивната поврзаност со Исламска држава, се наведува во текстот.
Така беше занемарен и Реда Хаме – 29-годишниот информатички експерт од Париз, кој беше дел од ИД околу недела дена пред да добие упатства за терористички напад во Париз. Во само неколку дена, тој научи како да стане терорист.
Францускиот пасош и компјутерската уметност беа идеални предиспозиции кои од Хаме направија совршен кандидат за посебната група во рамките на ИД, која е посветена на разорување на Европа. Му беа потребни само неколку дена да научи да пука од автоматско оружје, да користи гранати, а беше и на забрзан курс за користење на енкрипцискиот програм TrueCrypt.
Помагачот кој го нарекуваа „Тато“ го одвел на турската граница и го советувал да избере лесна мета, да убие што повеќе луѓе и да ги држи заложниците сé до доаѓањето на вооружените сили, кои и онака од нив ќе направат „маченици“.
Таа иста група беше посветена на напади на Европа најмалку две години пред крвавиот масакр во Париз, а потоа и во Брисел. Властите сега признаваат дека знаци на терористичко делување во Европа постоеле уште на почетокот на 2014-та година; сепак не преземале ништо околу тоа.
„Тие луѓе не се собраа одеднаш во последните шест месеци. Планираа напади на странско тло уште од 2012-та, кога се населија во Сирија“, вели Мајкл Т. Флин – сега пензионираниот генерал кој ја водеше разузнавачката агенција во рамките на американското Министерство за одбрана, помеѓу 2012-та и 2014-та година.
Хаме беше фатен во Париз во август 2015-та година, пред да успее да стане дел од акцијата. Властите тврдат дека „Тато“ – менторот на Хаме – е Абделхамид Абауд – белгиски џихадист кој селектирал и обучувал бројни борци на ИСИЛ распоредени низ Европа. Наводно, тој сам се вратил во Париз, за лично да го надгледува нападот.
Остатокот од групата на Абауд исто така стои и зад нападите во Брисел и париските предградија:
„Таму е како во фабрика. Исклучиво се посветени на напади на Франција или некое друго место во Европа“, признал Хаме пред истражителите.