Како рускиот конвој кон Киев „порасна“ на 64 километри: „Сите патишта водат кон Белорусија“

Најдраматичната информација изминатава ноќ, барем според реакциите на социјалните мрежи, се новите сознанија на американската приватна компанија Maxar Technologies, која преку сателит го следи рускиот воен конвој упатен кон Киев. Според последните анализи на прибавените сателитски снимки, должината на конвојот изнесува речиси 64.5 километри, соопшти компанијата за CNN.

Првично, Maxar пријави дека конвојот е долг 5 километри, за вчера „да достигне“ 27 километри, а утрово да се покаже дека кон Киев се движат драстично повеќе тенкови, оклопни и други воени возила.

Како што посочува CNN, „растот“ се должи на тоа постојано се анализираат нови сателитски снимки, но и на нешто друго; лесно е да се следи трагата од каде пристигнаа стотиците тенкови, артилерија, оклопни и возила за логистика – сѐ што треба е да се следат патиштата, пишува онлајн изданието.

„Сите патишта водат кон Белорусија“, констатира CNN. Патот и мостот кај Чернобил (градот, не нуклеарниот реактор) завршуваат во Белорусија. Секој друг поголем пат северозападно од Киев – завршува во Белорусија.

Токму во оваа поранешна советска земја, која се граничи со северот на Украина, Русија со недели собираше војска за инвазијата. Стотиците воени возила и летала и воена опрема беа преместени во Белорусија за да учествуваат во заедничките воени вежби на двата сојузника. Но, по завршувањето на маневрите, руските сили не заминаа дома, посочува CNN, потсетувајќи дека сателитски снимки од истата компанија покажуваа дека Русија продолжува да го зголемува бројот на воена опрема од секаков вид во земјата. Од градот Брест на истокот, па до градот Гомел на западот, руските сили постојано се појавуваа во воздушни бази, градови, па дури и полиња на сателитските снимки, но и на социјалните мрежи.

Прочитајте и:  Лукашенко: Напад на Белорусија ќе значи почеток на трета светска војна

Сателитски снимки покажуваа дури и дека Русија конструираше понтонски мост преку реката Припјат во големата „исклучена зона“. На денот на почетокот на инвазијата, дополнителни сателитски снимки од уште една американска компанија, Capella Space, покажаа дека Русија движи десетици воени возила преку тој мост.

„Самата должина на конвојот е масивна и зборува за количината на воена моќ што Русите ја собраа за да се обидат и да го земат Киев. Исто така зборува и за активноста на Белорусија во поддршката и спроведувањето на инвазијата, како и нејзината одговорност за истата. Таквата воена моќ не би можела да биде собрана од страна на Русите без дозвола и помош од Белорусија“, заклучува CNN.

- Реклама -