Како романските затвори станаа расадник на лоша проза

prison-writing

Би било соодветно ако во романската верзија на Монопол, покрај „Излези бесплатно од затвор“ картата, има и „Напиши книга во затвор“ карта, бидејќи токму тоа се случува со корумпираните романски политичари кои завршуваат зад решетки. Имено, измената на законот која важи од 2013-тата, им дозволува на овозможува да си ја намалат казната за 30 дена со секое дело што ќе го издадат додека се во затвор. Корумпираните тајкуни и политичари кои отслужуваат казна и те како ја користат оваа олеснителна околност, што доведе до пишувачко лудило што резултира со куп неквалитетна литература.

Меѓу тие што ја користат дупката во законот се Адриан Настасе – поранешен премиер, Георг Копос – бизнисмен и екс-министер, Гиги Бекали – тајкун и политичар, Јоан Никулае – кој се смета за најбогатиот човек во Романија, а на работ на прерано излегување на слобода е и Гика Попеску – поранешен познат фудбалер, кој додека отслужуваше казна, напиша најмалку четири наслови. Во истата багра спаѓаат и уште неколку други големци од романскиот спортски менаџмент и уште неколку политичари.

Клаузула што дозволуваше редуцирање на казните за тие што ќе напишеа трудови од полето на академското истражување постоеше и пред 2013-тата, но со критериуми кои беа доволно строги за да се избегне злоупотреба. Новиот закон требаше да биде дефиниран со исти такви строги критериуми, одредени од министерството за правда и одобрени од владата, но тоа никогаш не се случи. Сé додека таквата ситуација не се промени, оние затвореници што ги имаат потребните средства на располагање ќе продолжат да публикуваат трудови без никаква вистинска вредност.

На затворениците не им е дозволено да користат компјутери, а затворските библиотеки располагаат само со основна литература. Манускриптите мораат да бидат напишани на хартија, со пенкало. Според романските новинари, богатите затвореници го решаваат овој проблем така што најмуваат вистински надворешни академици како свои ментори, а всушност, токму тие академици се луѓето што ги пишуваат трудовите. Подоцна, манускриптите се шверцуваат во затворот, до нарачателот, кој потоа рачно го препишува напишаното. Самиот затвор плаќа издавач да испечати неколку примероци, кои се презентираат пред комисијата за условно, која пак треба да реши дали делото е доволно вредно за скратување на казната. Се разбира, комисијата за условно нема многу врска, ниту пак експертиза на полето на литературата и научните трудови, па воглавно го одобрува напишаното.

business man with handcuffs

Згора на сé, најголемиот дел од објавените трудови наидуваат на сериозна критика. Георг Копос, на пример, кој пишуваше за брачните алијанси на средновековните романски владетели, беше обвинет за плагијат. Книгата на Бекали, во која пишува за неговите релации со фудбалскиот клуб Стеауа Букурешт (кој тој го контролираше) е преполна со слики небаре е сликовница. Реалини Лупса, поп-пејач, пак, напиша книга за матичните клетки во областа на стоматологијата.
… Никој не знае колку точно затвореници го злоупотребиле законот. Еден неодамнешен извештај зборува за бројка од 73 осуденици, некои од нив со дури и по 5 издадени книги за само неколку месеци.

Еден анонимен извор вели дека дупката во законот била намерно оставена, по пат на политичко влијание. Со оглед на тоа што дури и самиот романски премиер – Виктор Понта, го очекува судење за корупција, јасно е дека на политичарите не им е во интерес да ја закрпат грешката, пишува The Economist.

Од друга страна, романскиот Национален директорат за анти-корупција (DNA) притиска кон поправање на законот уште од април. Во последно време, прерасна во една од најмоќните институции во земјата, па не е ни чудно што романските политичари ги обединуваат силите за да ја намалат моќта на ова тело. „Тоа е романскиот начин“, воздивнува Ливија Саплакан, портпарол на директоратот.

- Реклама -