KFC (Kentucky Fried Chicken) е еден од најпознатите ланци за брза храна во САД, кој особено се гордее со своето пржено пилешко месо. Јапонците од друга страна, се… Јапонци. Што бараат да јадат KFC за Божик?
Според BBC, секој Божик околу 3.6 милиони јапонски семејства купуваат пржено пилешко од американскиот KFC. Веќе некое време таквиот тренд е стигнат до статус на традиција на национално ниво. Во некои делови од земјата продажбата на рестораните на KFC во декември се зголемува дури и за десет пати повеќе во споредба со другите месеци. Притоа, за да го избегнат чекањето во редица со часови, многу од потрошувачите божикната вечера ја порачуваат многу порано.
Океј, ама пак, зошто воопшто Јапонците јадат пржено пилешко од KFC на Божик? Одговорот е прост како… маркетинг.
Во 1970 година, идниот претседател и главен извршен директор на KFC Јапонија – Такеши Окавара, наслушнува неколку странци во неговиот ресторан додека носталгично зборуваат како им фали трпезата со мисирка што традиционално ја јаделе за Божик. Некое време подоцна, Окавара се буди среде ноќ, со идеја за „party barrel“ (barrel значи буре/поголема кофа) кој би се продавал како божикен пакет-оброк и би ја претворил препознатливата Kentucky Fried Chicken кофа со пилешко во традиционална вечера за празникот. Наскоро започнува и со промоција на истиот, официјално наречен Kentucky for Christmas, промоција која до 1974 година веќе прераснува во кампања од национални размери. На Јапонците ќе им се допадне идејата, а Окавара – инаку едуциран на Харвард, ќе почне и самиот да напредува во ранковите во компанијата, стигнувајќи до претседател и извршен директор во периодот од 1984 до 2002.
„Party Barrel-от за Божик речиси инстантно стана национален феномен“, вели Џунас Рока – вонреден професор по маркетинг на Emlyon Business School во Франција. Тој го има проучувано јапонскиот случај со KFC и Божик како модел на промотивна кампања.
„Исполни празнина“, вели Рока. „Немаше божикна традиција во Јапонија, а KFC дојде и рече: ова и ова треба да правите за Божик“.
Денес во составот на божикната вечера на KFC нема само кофа со пилешко, туку и торта и вино. Цените на празничните пакети варираат од 32 до околу 50 долари. Овие пакети учествуваат со дури околу една третина од вкупната годишна продажба на KFC во Јапонија.