Компанијата е основана во САД пред повеќе од еден век. Во Русија (Советскиот Сојуз) пристигна пред околу 40 години.
Како бренд, Пепси имаше шанса да се појави во Советскиот Сојуз уште во далечната 1938 година, но тогаш преговорите пропаднаа.
Во меѓувреме, еве како еволуираше логото:
Со децении, советските граѓани (барем тие што не одеа во странство), не го знаеја вкусот на газираниот пијалок, за разлика од луѓето од САД, на пример, чиј живот беше незамислив без Кока Кола.
Сé се промени за време на првата американска национална изложба во СССР одржана во летото во 1959 година. Вицепретседателот на PepsiCo – Доналд Кендал, се погрижи на изложбата да има и штанд на Пепси, а тогаш заменик-претседателлот Ричард Никсон го убеди Никита Хрушчов да го проба пијалокот. Хрушчов испи неколку чаши со видливо задоволство, иако беше јасно дека дава сé од себе тоа да го сокрие. Како и да е, на изложбата советските граѓани испија повеќе од 3 милиона чаши Pepsi-Cola.
И покрај тој јасен успех, потребни беа уште повеќе од 10 години пред да се постигне договор за производство и продажба на Pepsi-Cola во Советскиот Сојуз. Компанијата влезе во економска зделка во која стана дистрибутер на водката „Столичнаја“ во САД, во замена за тоа да го испорачува својот пијалок во СССР. Во 1974 година беше отворена и првата фабрика на Пепси, во Новоросијск. Масовната продажба на Пепси започна неколку години подоцна, во 1979 година, во очи на – се разбира – Олимписките Игри од 1980-тата. Формата на необичното шише на странскиот пијалок (конусно, 330 милилитри) и необичната сино-бела-црвена етикета со лого со влијание и од источното „јин-јанг“ – привлекоа големо внимание, особено меѓу децата.
На Олимписките Игри, пак, најголемите ривали беа истите што ги знаеме и ден-денес: Пепси и Кока Кола.
Советската прехранбена индустрија, од друга страна, имаше и свој коњ во трката – од почетокот на 70-те години произведуваше свој сличен пијалок на Пепси – наречен „Бајкал“. И содржината на овој тоник беше направена од екстракти од билки – eleutorakokka, кантарион и лимонова трева. Сепак, овој коњ беше мошне бавен – во продавниците Бајкал го имаше многу ретко, за разлика од Пепси, кој таа година го имаше насекаде.
Иако Пепси беше промовиран со слогани од типот на „новата генерација избра Пепси“, пијалокот не успеа од пазарот да ги истисне домашните „Ситро“, „Лимонад“ и сличните. Најдобар доказ за тоа е што подоцна PepsiCo Company ги купи сите права за производство на Бајкал.
Во 1986 година, Пепси ги спонзорираше „Игрите на Добра Волја“, а во 1988 година ја пушти и својата прва реклама на советската телевизија.
Патем, Шише Пепси-Кола чинеше 45 копејки (скапо, со оглед на тоа што пијалок како „Пинокио“ беше 2 пати поевтин). Стаклените шишиња се враќаа за 10 копејки, но понекогаш условот беше да се изгребе етикетата, што и не беше лесна задача.
Се зборува дека заработката од продажбата на Пепси во СССР, компанијата PepsiCo ги вложи во набавка на водка „Столичнаја“ и нејзина продажба на пазарот во САД, на што Пепси имаше екслузивно право. Сепак, на пазарот на водката постоеше лимит, па во 1989 година Пепси направи голема зделка, кога од советската влада купи 17 подморници и неколку стари воени бродови, кои потоа ги продаде за старо железо. Зделката вклучуваше и неколку нови нафтени танкери, кои беа наменети за норвешката компанија Pepsi. По овој повод, тогашниот шеф на компанијата на шега му се обрати на американскиот советник за безбедност со зборовите: „Ние ќе го разоружаме СССР побрзо од вас“.