Како The Onion известува за масовните пукања во САД

„Беспомошни сме.“

По секој вооружен напад во САД, одново се вжештува дебатата околу контролата на оружјето. Овој пат, по нападот во Лас Вегас, можеби повеќе од било кога.

Сепак, има и такви што се конзистенти во инсистирањето да се забрани поседувањето оружје за цивилите. Хумористичниот портал за пародични вести – The Onion, на пример.

Во дебатата за контролата на оружјето речиси и да нема прилика да не се спомне Австралија, каде меѓу 1978 и 1996 година се случија 13 вооружени масакри во кои беа убиени 104 луѓе. Во 1996-та, во Порт Артур, маж вооружен со полуавтоматска пушка уби 35 и повреди 23 луѓе. Тогаш премиерот и заменик-премиерот на Австралија решија дека е време за сериозна промена, па протуркаа легислатива која ги забрани сите автоматски и полуавтоматски оружја. Паралелно со тоа, воведоа и програма за откупување на оружја – при што беа откупени и уништени 660.959 парчиња – околу 20% од оружјата во приватна сопственост во Австралија. Во секоја држава и територија на континентот стана задолжително сопствениците да го регистрираат оружјето, но освен тоа – и да ја чуваат муницијата во посебни заклучени „области“.

Оттогаш во Австралија нема ниту еден вооружен масакр (за масакр се смета кога има повеќе од 4 жртви). Седум години по донесување на законот, годишната стапка на убиства опадна за 42%. Стапката на самоубиства со огнено оружје опадна за 57%.

Дури и Австралиецот Џим Џефрис (1 и 2) – еден од најпознатите (а и најдобрите, според нас) стенд-ап комичари, зборуваше за ова  (а попат поби и куп други аргументи „ЗА“ поседување на оружје) во својот комеди-спешл „Bare“ од 2014-та.

А сепак, СЕПАК, секогаш кога ќе се спомне темата, милиони и милиони Американци, од обични граѓани па до истакнати поддржувачи на поседувањето на оружје, упорно тврдат дека за проблемот со масовните пукања едноставно нема решение; т.е. дека секогаш ќе се најде некој лудак да направи масакр. Финтата е што Австралија, како и сите други држави каде што нема проблем со масовни пукања, се доказ дека строгата контрола на оружјето драстично ги намалува шансите да се најде таков лудак.

Прочитајте и:  САД тестираа ракета која може да стигне до Москва и Пекинг за 30 минути

Одговорот на „The Onion“

Токму тука на сцена стапува The Onion со својот пародичен пристап. Имено, при секое масовно пукање, Onion објавува „вест“ по ист шаблон, уште од 2014-та. Насловот секогаш е овој:

„Нема начин да се спречи ова“, вели единствената нација каде ова редовно се случува

Дури и самата „вест“ е иста, од збор до збор, со тоа што се менуваат само „променливите параметри“ (означени со црвено). Оди вака:

ЛАС ВЕГАС: Во следните неколку часови по насилниот масакр во Лас Вегас, во кој осамен напаѓач уби над 50 и сериозно повреди над 400 други лица, граѓаните од единствената земја каде овој вид на масовни убиства се случуваат рутински, во понеделникот заклучија дека не постоел начин да се спречи масакрот. „Ова беше ужасна трагедија, но некогаш овие нешта едноставно се случуваат и нема ништо што некој може да направи за да ги запре“, рече жителот на Ајова – Кајл Римелс, изразувајќи го ставот на десетици милиони други индивидуи кои живеат во нација каде се случија над половината од најкрвавите масовни пукања во светот, и нација во која е 20 пати поверојатно да умреш од вооружено насилство отколку во другите развиени нации. „Штета е, но што можеме да направиме? Навистина немаше ништо што ќе ги запреше овие индивидуи од тоа да откачат и да убијат многу луѓе ако навистина тоа го сакаа“. Во моментот на пишување, жителите на единствената економски напредна нација во светот во која се случуваат по две масовни пукања секој месец во последните 8 години, се нарекуваат себеси и својата ситуација „беспомошни“.

Добра поента, The Onion, добра поента…

- Реклама -