Како настана митот дека Викинзите носеле шлемови со рогови

Популарната слика за Викинзите е полна со шлемови со рогови. Ги има на главите на спортските навивачи, ги има и во цртаните на Дизни. Проблемот е што Викинзите никогаш не носеле шлемови со рогови. Тоа е комплетен мит.

Роберта Френк има напишано семинарски труд на темата „Како настана викингшкиот шлем со рогови“. Не само што во трудот се истакнува консензусот меѓу историчарите дека Викинзите никогаш немале рогови на шлемовите, туку и објаснува како настанал митот.

Главниот иницијатор, ама не и виновник, бил костумографот Карл Емил Доплер, кој ги вклучил шлемовите со рогови меѓу неговите прекрасни костум-дизајни за изведбата од 1876 на нордиската сага и монументална класика на Рихард Вагнер – „Прстенот на Нибелунзите“ (Der Ring des Nibelungen). Дизајните можете да ги видите тука, и од нив јасно се гледа зошто за многу кратко време станале толку популарни. Операта била толку влијателна, што шлемовите со рогови станале новиот стандард за Викинг – иако биле комплетно измислени.

https://youtu.be/-HujjNQPv2U

Доплеровите викингшки шлемови биле резултат на фасцинантен историски микс. Пред сé, Германците биле фасцинирани од Викинзите, најмногу поради тоа што тие претставувале оригинална приказна за потеклото, без грчки или римски влијанија. Тоа многу резонирало со Германците во време на германскиот национализам кој тогаш бил во зародиш. Како резултат, Доплер и другите учени од тоа време, ја помешале германската со нордиската историја на специфичен начин: Ги ставиле стереотипните древни и средновековни германски „акцесоари“ за глава – како шлемовите со рогови – на главите на Викинзите. Во меѓувреме нордиските и германските легенди се испреплетоа во колективната популарна замисла, и тоа се провлекува до ден денес.

Не дека Викинзите немале своја вистинска историја – од 8 до 11 век, познатите Скандинавци навистина ја истражувале и пустошеле Европа. Но „Ерата на Викинзите“ е само еден моќен мит придодаден кон историската реалност. Роберта Френк пишува: „Сé додека не беше измислена ерата на Викинзите, не постоеше Викинг со шлем со рогови, и обратно: двете одат заедно рака под рака“.

Викингшката ера првпат се споменува во 1873 година, во два одделни текста – еден дански и еден шведски, а особена популарност добива со четиритомната Normannere на Јоханес Стинструп издадена меѓу 1876 и 1882 година. Сепак, тоа се случува во империјалистичка ера во која лесно е да се измисли период кој почнал со поморски напади на странски копна, а завршил кога овие напади престанале. Шлемот со рогови е само еден од бројните украсни елементи во фиктивниот арсенал на Европа на истекот на векот, фасцинирана од војната и нејзините алатки.

Колку и да е погрешна таквата слика, шлемовите со рогови на Викинзите упорно се појавуваат во популарната култура, иако како што истакнува Френк, скандинавските земји се цврсти во обидите да не потпаднат под таквиот мит.

Во меѓувреме, ако некогаш видите „Викинг“ со таков шлем, на стадионите, на пример, пуштете му Вагнер и пробајте да го едуцирате околу роговите што ги носи на главата.

- Реклама -