Како легално се труеме со увоз на мазут, петрол кокс …

Процената е дека годишно во Македонија од нелегалниот бизнис со нафтените деривати се заработуваат од 40 до 50 милиони долари. Очигледно е дека оваа мафија лесно успева да ја убеди секоја власт кога треба да ги тргне цариниците и да ја крене рампата на граничниот премин. Секоја власт зачудувачки лесно успева да ги одложи барањата за промена на законската регулатива, за менување на некои правила на играта со кои ќе се намали овој шверц, во буџетот ќе влезат повеќе пари и, што е најважно, ќе се намали загаденоста на воздухот. Но очигледно тоа не е целта.

Со години се пишува за манипулациите со црвената нафта и со избегнувањето на плаќањето на акцизата за дизелот. На сите сѐ им е јасно, докази милион, но очигледно е дека играчите што тоа го прават се добро поврзани со секоја власт и тука нема никакви промени.

Потребите на државата за мазут за греење се околу 5.000 тони годишно. Официјалните статистички податоци покажуваат дека годишно во Македонија се увезува околу 45.000 тони мазут. Каде оди разликата од 40.000 тони? Од нелегалната продажба на мазутот како дизел заработуваат и купувачите и продавачите, освен државата. Пресметката е едноставна ако се знае разликата на вредноста на акцизата за дизел горивото и царината за мазутот.

Сите во бизнисот ја знаат приказната за фирмата блиска и на минатата и на сегашната власт за тоа како опасниот отпад од огромните танкери, кои се празнат на солунското пристаниште, завршува во РЕК Битола. При миењето на големите танкери останува т.н. слоп опасен отпад, кој сѐ уште може да се користи. Во Грција само една компанија има дозвола да го преработува тој опасен отпад. Но нашиве, преку бугарска фирма, со нови документи, тој отпад како мазут влегува во Македонија и завршува во печките на РЕК Битола. Процентот на сулфур во овој мазут е 5-6%, но новите документи тоа не го кажуваат, а не случајно баш тој ден нема кој да земе примерок за проверка. Дозволениот процент на сулфур е 1 отсто.

Целата статија на МКД.МК

- Реклама -