Како ќе изгледа возењето со меѓуградската ракета на Илон Маск

На почетокот на октомври, Илон Маск го претстави новиот план за колонизирање на Марс со 1 милион луѓе. Централна поента во 42-минутниот говор беше таканаречената „Big F-ing Rocket“ ака. BFR. Маск планира да ја лансира 35-катната ракета кон Марс некаде до 2022 година.

Сепак, за многумина (и за нас), многу поинтересно звучеше другата најава на Маск, дека ракетата ќе има бонус примена – како превозно средство со кое луѓе ќе патуваат од еден до било кој друг град на Земјата за помалку од 1 час.

„Ако веќе го конструираме ова нешто за да оди до Месечината и Марс, тогаш зошто не и до други места на планетата Земја?“, рече Маск при презентацијата.

Што е BFR

Ракетата BFR има две главни секции – ракета и вселенски брод. 58-метри високата ракета ќе го лансира вселенскиот брод во орбита околу Земјата, а потоа 48-метри долгиот вселенски брод ќе одлета со околу 100 луѓе кон Марс.

Сé ќе се одвива на погон на течен метан и кислород. BFR сама ќе слетува и ќе биде целосно реупотреблива – се смета дека тоа ќе ги намали трошоците за пристап до вселената за 1.000 пати.

Вселенскиот брод на BFR ќе лета со 7.4 километри во секунда, според SpaceX, што е 12 пати побрзо од суперсоничниот Конкорд од пред некоја деценија.

Со таа брзина, од Лос Анџелес до Њујорк ќе се лета за 25 минути, од Бангког до Дубаи за 27 минути, од Лондон до Њујорк за 29 минути, а од Делхи до Сан Франциско за 40 минути – „било каде на Земјата за помалку од еден час“, според Маск.

Како ќе изгледа патувањето

Увид во тоа како ќе изгледа самото патување со ракетата од град до град, ни дава поранешниот астронаут на НАСА – Лирој Чиао. Чиао има летано со три спејс-шатлови на НАСА, со рускиот „Сојуз“ до Меѓународната вселенска станица, и има поминато скоро 230 дена во вселената.

„Тоа што Илон Маск го опишува е суборбитален лет преку половина свет“, објаснува тој. Суборбиталните возила/летала не орбитираат околу Земјата. Наместо тоа, прават брз и висок лак низ вселената и потоа постепено „паѓаат“ кон земјата.

НАСА има долга историја на вакви лансирани летала, а моментално и Virgin Galactic на Ричард Брансон тестира суборбитално летало наречено „SpaceShipTwo“. Истото го прави и Blue Origin на основачот на Amazon – Џеф Безос. Неговото се вика „New Shepard“.

Како и да, „летот ќе биде сличен на летот со капсуларно вселенско летало (како Сојуз), со главна разлика во финалната фаза од слетувањето“, вели Чиао.

За време на лансирање на ракета со ликвидни мотори полетувањето е многу „мазно“ и човек навистина не може да го почувствува.

Прочитајте и:  Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

Откако BFR ќе го потроши горивото (што се нарекува „прва фаза“), вселенскиот брод ќе се оддели од ракетата и ќе ги запали своите мотори.

Тој момент е „по малку динамичен“, опишува Чиао од аспект на г-силата – т.е. еквивалентот на гравитацијата на земјината површина помножен по одредена сума.

Палењето на моторите од следната фаза ќе предизвика моментален скок/пораст во г-силата. Како што се доближуваш до последниот дел од искачувањето, чувствуваш извесна количина на г-сила што ти минува низ градите, но не е толку непријатна.

Кога моторите на вселенскиот брод ќе се изгасат, пак, Чиао вели дека стануваш инстантно бестежински, бидејќи привремено лебдиш низ вселената.

„Ќе се почувствуваш како да си паднал, како да се тркалаш, бидејќи системот за рамнотежа се бори да сфати што се случува, и многу ти се врти“, наведува Чиао. „Чувствуваш како течноста ти се движи низ телото, слично како кога лежиш на коса подлога со главата надоле, бидејќи веќе нема гравитација што ти ги влече телесните течности надоле кон нозете. Ова може да предизвика лошење“.

Чувството е слично и познато им е на сите кои поминале преку „рид“ на ролеркостер, или летале на параболичен „нултагравитациски“ лет – познат и како возење со „vomit comet“ („vomit“ = повраќање).

Vomit Comet

Прекарот кажува сé – таквото искуство може да предизвика интензивно лошење.

Како и да е, како што почнуваш одново да влегуваш во атмосферата, чувствуваш како г-силата постепено и мазно се враќа и почнува да се зголемува. Како што леталото/ракетата го исправа и навалува носот за да ја наштелува брзината, на моменти ќе почувствуваш г-сила и до 5G – сила што ќе те направи да се чувствуваш околу пет пати потежок од нормално.

Како што бродот забрзува кон земјата, моторите ќе се вклучат за да слета на пловната платформа.

„Ем ќе ги почувствуваш, ем ќе ги слушнеш моторите“, вели Чиао. „Како што се зголемува пропулзивната сила на моторите, ќе почувствуваш ново билдање на г-силата, и тогаш при моментот на слетување (ака. тачдаун), ќе почувствуваш мало потскокнување, мал удар“.

. . .

Колку и да звучи возбудливо ваквото патување, и колку и да заштедува време, летот нема да биде за сите. Нема да биде, пред сé, за тие со слабо срце (фигуративно речено), заклучува Чиао.

Исто така, тој не гледа како меѓуградското патување со ракета може да биде евтино во пракса.

„Сепак, едно нешто што научив гледајќи го Илон (Маск) е никогаш да не го отпишувам“, вели екс-астронаутот.

- Реклама -