Откако во 2004 година Вејд Мајкл Пејџ, осомничен за вооружен напад врз сикски храм во Висконсин, го отпуштиле од продавницата на Харли Дејвидсон каде што работел, зад себе оставил пристапница за Кју Клукс Клан (KKK). Благодарение на овој негов потег, меѓу другото, знаеме како отприлика изгледа зачленувањето во озлогласениот расистички клан.
Покрај вообичаените податоци, како име, адреса, возраст, контакт, брачен статус и сл., ККК сака да знае и дали работите или сте работеле во полиција или за владата. Екстремистичките групи често ги интересира ова прашање, едните зашто сметаат дека е добро да се имаат такви луѓе, другите затоа што ги одбегнуваат.
Сепак, најважно за ККК е да се декларирате како бел христијанин, но и да знае дали членувате или сте членувале на некакви други тајни друштва или редови. Ич не е препорачливо да сте масон; ККК веруваат дека масоните работат на тоа да ја преземат власта и да го уништат христијанството.
Но има и трик прашања. На пример, „Дали веруваш дека сите луѓе се создадени еднакви?“. Тоа што вас инстинктивно ви доаѓа да одговорите со „Да“ лошо ќе се одрази по вашето (во теорија) членство во кланот. ККК се расисти, ви текнува? Ако сте добар потенцијален член, секако дека ќе одговорите со „Не“. Оваа тактика ја користат и други екстремистички групации, особено на веб сајтовите, за да ги „исфилтрираат“ непожелните.
Во повеќето апликации исто така сакаат да ви го знаат полот. Иако однадвор ККК изгледа како група од главно мажи, околу 30% од членовите се жени. На фотките од ККК пикници и други собиранки, се гледа уште поголемо женско присуство. Другите екстремистички организации, како на пример нео-наци скинхед групите, обично не примаат жени, но имаат свои сестрински ограноци во кои е дозволено да членуваат и жени.
Не се знае колкав процент од апликантите добиваат членство во ККК, но по сé изгледа не се многу селективни. Обично за членство и пристапница треба да платите околу 20 долари, што ККК смета дека е доволно за да ги „прочешла“ непожелните. Со други зборови, во расистички затворски банди и скинхед групации е многу потешко да влезеш; тие често бараат идните членови да поминат едногодишна „пракса“ – период кој често вклучува илегални и насилни акти, без кои нема да ви дозволат членство. Најорганизираните екстремистички групи дури спроведуваат и проверка на вашето криминално минато и полициско досие, делумно за да се уверат дека такво имате и дека не сте прикриен детектив со цел да се инфилтрира.
Да се вратиме на ККК… Кланот бара пополнета пристапница уште од 1920-тите години, кога групата имаше пуштено корени во државната легислатура, а добиваше и по милиони нови членови. Тогаш кланот се однесуваше како претпријатие и не се криеше толку активно, па апликациите ги испраќаше во форма на писма до луѓето кои беа предложени од веќе постоечките членови. Пополнетите апликации исто така ги добиваа во форма на писма.
Но оттогаш до денес кланот има доживеано големи промени. На пример, во 1920-тите ККК беше многу позагрижен околу имигрантите, па во пристапницата бевте прашани дали сте родени во САД и дали верувате во принципот на „чист Американизам“. Денес ретко кој огранок ќе ве праша каде сте родени, а уште помалку од каде ви се родителите.
Порано кланот беше поригорозен и околу религијата. Пред Големата депресија, апликантите мораа да одговорат и дали се Евреи, од која црква се (ако ѝ припаѓаат на некоја црква воопшто), и на која религија ѝ припаѓаат вашите родители. Денес, како што видовме, е многу поедноставно.
Кланот трпи промени и околу делот на расата. Се разбира дека тоа е клучниот фактор и дека бојата на кожата уште им е приоритет број 1, но порано прашањата во пристапницата беа подетални и во тој аспект. На пример, ќе бевте прашани „дали ѝ припаѓате на белата раса, или на обоена раса“, ама и каква боја и каква ви е косата, а и каква боја ви се очите. Денес доволно е да си „бел“.
Сé на сé, се враќаме на заклучокот дека ККК не се многу пребирливи. Ти требаат 20 долари, и да ги мразиш небелите раси. Колку да ги мразиш? Многу да ги мразиш, колку што Народниот фронт на Јудеја ги мрази Римјаните.