Маркетингот со Инстаграм инфлуенсери е индустрија вредна 1 милијарда долари. Човек би помислил дека ти треба многу среќа за да успееш да станеш дел од истата. Ама не. Излегува дека не ти треба ни слатко куче, ниту пак живот исполнет со авантури. Според резултатите од лажната кампања на маркетинг агенцијата Mediakix, можеш да стигнеш до профитабилни спонзорски договори со брендови и само со лажење.
Агенцијата креирала два лажни Инстаграм профила; 1) едниот на демек моделка ориентирана кон лајфстајл и мода; 2) другиот на демек фотографка што се бави со патувања и авантури. За првиот профил – Alexa Rae (calibeachgirl310), Mediakix најмиле моделка и ја испосликале целата содржина потребна за профилот за само еден ден. За вториот – Amanda Smith (wanderingggirl), отишле уште подалеку со мајтапот; го составиле профилот од бесплатни фотографии од разни места во светот, симнати од интернет. Заедничко за сите е што на секоја од нив има русокоса девојка (демек таа е фотографката) гледана од грб.
Откако ги поставила лажните профили и ја генерирала потребната содржина, агенцијата почнала да купува следачи (т.е. фанови, follower-и) на профилите. Купувале по 1.000 на ден, во страв дека Инстаграм ќе го блокира профилот ако забележи поголеми нагли промени. Сепак, наскоро откриле дека можат да купат и до 15.000 следачи без проблем. Ова ги чинело по 3-8 долари на 1.000 следбеници.
Ако follower-ите не ги лајкуваат содржините и не коментираат на постовите, џабе се. Затоа, следниот чекор бил да се купи интеракција од фанови (engagement), т.е. коментари и лајкови. Mediakix платиле по 12 центи за секој коментар, и по 4-9 долари за секои 1.000 лајкови. За секоја фотографија купиле по 500 до 2.500 лајкови и по 10-50 коментари. Сé на сé, целиот експеримент ги чинел околу 1.000 долари (700 потрошени на calibeachgirl310 и околу 300 на wanderingggirl).
Штом секој од профилите собрал по 10.000 фанови, што е минимумот за да можеш да се регистрираш на платформите кои те поврзуваат со брендовите, Mediakix почнала да ги пријавува профилите за спонзорства.
„Собравме четири платени договори со брендови, по два за секој од профилите. Модниот профил доби спонзорство од компанија за пливачки костуми и од компанија за храна и пијалоци. Патувачкиот профил доби спонзорство од алкохолен бренд, како и од истата таа компанија за храна и пијалоци“, велат од маркетинг компанијата. За секоја од кампањите, на лажните инфлуенсери им била понудена парична компензација, бесплатни продукти, или комбинација од двете.
Резултатите покажуваат неколку работи: 1. Дека со доволно пари за почетна инвестиција, се може многу. 2. Дека живееме во време кога многу лесно се лажира сé и сешто, особено слава. 3. Дека брендовите редовно јадат фори од лажни инфлуенсери на Инстаграм. Кој ќе ги знае за колкави суми се работи. Ништо чудно и да се милиони долари.