Полиците на библиотеките одамна се полни со книги кои не учат како да се збогатиме, како да штедиме, како паметно да вложуваме, но веројатно тоа никој подобро не го срочил од Наполеон Хил уште во 1937 година, пишува „Business Insider“.
Хил бил писател во времето на Големата економска криза, а познат е и како советник на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт. Тој интервјуирал повеќе од 500 најуспешни луѓе кои некогаш живееле во САД за да дојде до формулата за успешно збогатување. Своите заклучоци ги запишал на околу 200 страници во книгата „Think and Grow Rich“ која е една од најпродаваните книги на сите времиња.
Иако ги испитувал најуспешните бизнисмени на неговото време, формулата на Хил не вклучува никаква невозможна мисија и несовладливи вештини, туку се темели на совладување на психолошките препреки кои што човекот го делат од стекнување богатство.
„Желбата нема да ви донесе богатство“, пишува Хил. „Но, ако таа желба со текот на времето стане опсесија, тогаш планирањето на конкретни начини и средства и поддржување на истите со ресурси ќе осигура стекнување на значително богатство“.
Во книгата тој навел шест чекори за претворање на желбите во финансиски еквивалент:
1. Постави си финансиска цел што сакаш да ја оствариш. Не е доволно само да кажеш „сакам многу пари“. Биди конкретен во замислувањето на износот.
2. Точно одреди што си спремен да дадеш за возврат за парите што ги сакаш. Не постои „нешто за ништо“.
3. Определи точен датум до кога сакаш да ги собереш парите.
4. Направи цврст план како ќе ја постигнеш целта во дела и веднаш почни со негова примена, без разлика дали си спремен или не.
5. Напиши на хартија во едноставни и прости реченици колку пари сакаш да заработиш, во кој временски рок, што си спремен да жртвуваш за возврат и како ќе го оствариш планот.
6. Прочитај ги речениците на глас два пати дневно, еднаш непосредно пред спиење и еднаш наутро. Додека читаш убедувај се и верувај дека веќе ги имаш тие пари.
Теоријата на Хил не се разликува многу од модерните, освен што неговата е поедноставно срочена.
„Кога богатството настапува на местото на сиромаштијата, тоа е поради внимателно разработени и изведени планови. Сиромаштијата не бара никаков план. Никој не треба да ви помогне, затоа што е одржлива и немилосрдна. Богатството, пак, е срамежливо и скромно. Него треба да го привлечете“.