Да му се упикаш на шефот е многу слично на врска во рана фаза: од една страна, сакаш другиот да се чувствува добро, и последователно – да се чувствува добро околу и за тебе. Од друга страна, сакаш тоа да го изведеш кул и со стил, за да не излезеш очајна греотка што ќе направи сé за да ја задоволи другата страна.
Постои причина што да се биде кул и чил во односите е така редок квалитет во човечката џунгла, особено кога во игра се силни динамики во друштвените интеракции кои не се перфектно избалансирани. Во психологијата постои дури и посебен термин – „the ingratiator’s dilemma“ т.е. идејата дека колку понеизбалансирана е ситуацијата, толку лицето што е на помоќна позиција е подобро во препознавање на неискреноста. Со други зборови, луѓето на кои ти е најпотребно да им се упикуваш се најтврдите ореви за кршење т.е. колку повеќе сакаш и можеш да извлечеш од интеракцијата, толку повеќе другиот ќе види директно низ твоите усилени насмевки и неискрено ласкање.
Но сепак, постои мала група на благословени г’злаци – кои всушност се многу добри во упикување и на кои разговорите со претпоставен на работа или со атрактивно непознато лице не само што им се пријатни, туку и забавни. Не само што низ таквите можат да поминат без потење и пелтечење или несакајќи тропање на некоја засрамувачка глупост; тие исто така знаат како да го добијат тоа што го сакаат од интеракцијата. Алекс Фрадера неодамна објави студија во Academy of Management Journal (суперсоодветно именувана „Psyched Up to Suck-Up“), во која идентификува една од најефикасните стратегии на упикувањето: да се убедиш сам себе дека го сакаш ликот на кој му се упикуваш.
„Детектирањето на неприродното однесување е прилично лесно, особено ако знаеш на што да внимаваш“, пишува Фрадера, „што значи дека преправачите се една лажна насмевка или лажен комплимент поблиску до тоа да бидат оквалификувани како кафеноносци“ (како што ги викаат Американците, заради позицијата на носот во задникот на шефот).
„Кога некој навистина ни се допаѓа, од друга страна, ние не мораме да глумиме, само треба да ги оставиме чувствата да се изразат. Да се зголеми автентичното допаѓање кон некој друг, оттаму, може да е многу корисно. Вестфал и Шани (автори на студијата) предвидоа дека еден од начините да се постигне ова е партиципантите ментално да се фокусираат на тоа што го имаат заедничко со директорот на кој сакаат да влијаат. После сé, постојат обилни докази дека повеќе ги сакаме тие што ни се слични, и дека многу поголема тенденција имаме да ги признаеме постигнувањата на (и со тоа да ги почитуваме) луѓето како нас, отколку да ги припишуваме на надворешни фактори“.
За потребите на студијата, истражувачите испитувале 278 корпоративни упикувачи кои за цел имале да се довлечкаат на едно од столчињата во компаниските бордови на директори – подвиг што подразбира средби со одредени членови на истите тие бордови. Пред состаноците, секој партиципант во студијата одговарал прашања околу тоа колку време придал на размислување околу сличностите со другиот, како и за нивните разлики. Тие што поминале најмногу време мислејќи на тоа што имаат заедничко со членовите на бордот, се покажало, биле и тие со најголеми шанси да ја постигнат целта.
Причината, велат авторите на студијата, може да е тоа што додека идните потенцијални директори размислуваат за сличностите со нивните претпоставени, тие завршуваат со тотално различен мајндсет. „Фокусирањето на заедничките нешта“, пишуваат тие, „индуцира искрени позитивни чувства и ценење на колегата, така што нивните меѓусебни односи имаат помала тенденција да делуваат како неискрени обиди да се извлече услуга, а со тоа постои поголема шанса да се наметне влијание“.
Значи, се работи за рутина на ментална гимнастика која води до искрена промена – тоа што некогаш биле претпоставен и упикувач сега се само двајца што разменуваат пријателски разговор. Така, се чини дека она американското „fake it til you make it“ (глуми додека да успееш) работи, но „глуми додека сам не си поверуваш“ работи уште подобро.
Со други зборови, упикувањето е најефикасно кога престанува да биде упикување и станува искрено допаѓање. А тоа, драга публико, е страшно импресивен начин на упикување.