Очите се најчувствителниот дел од нашето тело. Тие ни овозможуваат да го видиме светот околу нас, а и да ги искажеме нашите најдлабоки емоции. Не е погрешно да се каже дека очите се огледало на душата.
Современиот начин на живот, кој вклучува секојдневно повеќечасовно зјапање во компјутерски екрани или телевизори, влијае негативно врз здравјето на очите, па се зголемува бројот на лица кои носат очила за вид или контактни леќи. Тоа треба да ни потскаже дека е потребно да вложуваме дополнителни напори за да го минимизираме негативниот ефект.
Ние луѓето треба да научиме да не ги земаме здраво за готово работите кои ни се дадени. Добриот вид е нешто што сите треба да го цениме и негуваме, а еве како:
Избегнувајте сув воздух.
Сувиот воздух од клима уредите, вентилаторите и греалките ја намалува влажноста на очите, па затоа треба да се избегнува директната изложеност на дејството на овие уреди. Кога сте во автомобил, наместете ја климата да дува во вашите нозе, а не кон лицето. Кога користите фен за сушење на косата, не го насочувајте да дува во вашето лице.
Заштитете се со очила за сонце.
Носете очила за сонце секогаш кога излегувате од дома, дури и во зима. Очилата не само што ги заштитуваат очите од УВ-зраците, туку ги штитат и од непријатниот ветер, како и од нечистотиите и прашината кои лесно можат да завршат внатре во окото. Нема да погрешите ако додека сте на плажа, носите и капа. Така ќе се заштитите од сончевите зраци кои доаѓаат до очите од горе, низ просторот кој не го покриваат очилата.
Носете очила за пливање.
Очилата за пливање ќе ги заштитат вашите очи од хлорот во базените или од солта.
Секогаш користете чиста крпа за лице.
Не треба да користите заедничка крпа со некој друг и не треба да ја мешате крпата за лице со крпата за раце. Секогаш бришете го лицето со чиста крпа за да избегнете воспалување или инфекција.
Никогаш не си легнувајте со шминка.
Треба да ви стане навика штом влезете дома веднаш да ја чистите шминката од очите. Ако сте уморни, земете бебешки влажни марамчиња и отстранете ја шминката додека лежите. Така ќе спречите таа да навлезе во очите и да предизвика иритација.
Контролирајте го крвниот притисок.
Доколку немате проблеми со крвниот притисок, мерете го еднаш на неколку месеци. Но, ако сте имале проблеми со притисокот, мерете го секогаш кога ќе почувствувате некаква промена или еднаш на неколку дена. Високиот крвен притисок е непријател на добриот вид.
„Нахранете“ ги очите.
Секој дел од вашето тело се влијае од храната што ја консумирате, вклучително и очите. Консумирајте храна која содржи антиоксиданси и витамини А, Ц и Е. Барем двапати неделно консумирајте риба и спанаќ, а почесто јадете и брокули, јајца, моркови, боровинки, бадеми, домати и тиква.
Заменете го обичното чоколадо со темно.
Кога и да сакате да каснете нешто слатко, посегнете по темно чоколадо. Темното чоколадо е богат извор на антиоксиданси кои се борат против многу очни болести. Единствено треба да внимавате чоколадото да содржи барем 60-70% какао за да има подобар ефект.
Трепкајте често.
Луѓето често забораваат да трепкаат кога работат на компјутер, а тоа води до сушење на очите. Од време на време тргајте го погледот од екранот и трепкајте брзо 10-15 пати.
Ако работите на компјутер, на секој половина час правете кратка пауза.
Наместете го мобилниот да ви даде знак да правите пауза на секој половина час. Тргнете ги очите од мониторот и фокусирајте се на предмет кој се наоѓа подалеку од вас (или на другата страна на просторијата или гледајте низ прозорец).
Заштитете се од одблесоците од екранот.
Поставете го мониторот на компјутерот така што одблесоците од светлината од прозорецот или ламбите да бидат минимални. Така ќе го намалите напрегањето на очите.
Користете ладно млеко против уморни очи.
Ако треба да излегувате, а чувствувате дека очите ви се уморни, натопете памучни тампони со ладно млеко и поставете ги врз очните капаци. Легнете и релаксирајте се неколку минути. Ќе бидете како нови.