Колку и да внимавате, можно е да ви се случи. А тогаш, треба брзо да реагирате.
Веднаш по потопувањето на телефонот, најдобро е да го однесете во овластениот сервис за вашиот модел, пред да дојде до оксидација на плочата или другите делови од електрониката. Ако тоа не е опција, пробајте ги следниве методи:
Кога телефонот ќе ви падне во вода, прво што треба да направите е да ја отстраните батеријата, дури и ако е празна, а истото треба да го направите и со СИМ картичката. Сите видливи делови на телефонот пребришете ги со мека крпа. Расклопете го телефонот колку што е можно повеќе и остранете ги сите капаци, како надворешните, така и внатрешните.
Немојте премногу да го превртувате и растресувате телефонот, за да не се разлие водата во внатрешноста.
Не го сушете телефонот со фен! Тоа само ќе помогне да ја турнете водата онаму каде што сеуште не успеала да стигне и ќе направите повеќе штета. Наместо фен, користете правосмукалка, со што помал отвор за вшмукување. Ако немате правосмукалка при рака, најдобро е да го оставите телефонот да мирува и да се потсуши, барем половина час.
По сушењето, ставете го телефонот на место кое впива влага. Чинија со ориз е одлично решение, бидејќи оризот привлекува вода. Повремено промешувајте ги зрната, со цел нови зрна да ги заменат оние што веќе насобрале доволно вода. Оставете го телефонот во чинијата што подолго, па и цела ноќ, ако е потребно.
Исто така, од помош се и оние кесички со мини топчиња што ги наоѓате во кутиите со нови чевли. Што повеќе од нив ставите близу телефонот, толку подобро. Добро е да се знае дека заситените топчиња се обично бели, додека оние што се „жедни“ и што најмногу ќе ви помогнат во случајов се обично проѕирни.
Дури и откако ќе ги преземете сите овие чекори, овластениот сервис е задолжителен, во првата прилика што ќе ви се укаже. Иако сите овие совети максимално ги зголемуваат шансите да го спасите својот смартфон/телефон, не постои гаранција дека уредот нема да се расипе, дека ќе продолжи да работи без проблеми, или дека ќе трае долго.