Како да го промениш светот

seastar

Живеел едно време некој мудар човек, кој секое утро, пред да седне да ги пишува своите книги, шетал по брегот на океанот. Еден ден, додека шетал по плажата, видел човечка фигура, која изгледала како некако чудно да танцува. Самата помисла на човек што танцува сам покрај океанот среде бел ден, му се видела смешна, па со брзи чекори се упатил да разбере што е работата.

Кога се доближил, сфатил дека фигурата е на млад човек. Човеков не танцувал, туку земал нешто од песокот и потоа го враќал во водата.

– Добро утро – извикал мудрецот кон момчето кога застанал зад него. – Што правиш?

Младичот запрел за миг, го погледнал и му одговорил:

– Ги враќам морските ѕвезди назад во океанот.

– Можеби подобро ќе беше да те прашам зошто ги враќаш назад во океанот?

– Сонцето изгрева и започнува осеката. Ако не ги вратам во водата, тие ќе умрат.

– Но, младо момче, оваа плажа е многу долга и целиот брег е прекриен со морски ѕвезди. Ти ништо не можеш да промениш.

Младичот учтиво го ислушал, а потоа се наведнал, кренал уште една морска ѕвезда, ја фрлил во пенливите бранови и рекол:

– За оваа овде, веќе променив!

- Реклама -