Како Blair Witch Project тероризираше едно мало гратче

the-blair-witch-project-3[1]

Летото во 1999, сега еден од најкултните хорор филмови – The Blair Witch Project, ја преплаши филмската публика со својата необична found-footage техника на снимање и уникатната маркетинг кампања, која сите ги убеди дека ѕвездите во филмот се мртви. Се разбира, овој последниов дел не беше вистина. Ниту пак било кој дел од целата митологија за вештерката од Блер. Инди филмаџиите едноставно ја имаа измислено за филмот, а тоа постојано и го нагласуваа. Но ништо од тоа не помогна да се спречи цунамито од особено посветени фанови, кои за многу кратко време го пикираа малото гратче во сржта на The Blair Witch Project – Буркитсвил во Мериленд.

Буркитсвил не е без историја. Тоа е зачувано историско селце основано во 1824 година, кое учествуваше и во граѓанската војна во Америка. А има и свои језивки легенди. Прашајте ги локалните за Spook Hill (Страшен рид) и ќе ви покажат мал пат каде што колите возат нагоре сами од себе, без возачот воопшто да притиска на педалот за гас.

Како и да е, гратчето нема врска со било каква мртва вештерка која им командува на градските осаменици да убиваат деца, како што тоа беше прикажано во филмот, па за одвај 200-те локални жители на Буркитсвил беше прилично голем шок кога навалија странци со куп прашања за вештерката од Блер.

Откако видоа што се случи со Амитивил во Њујорк по прикажувањето на „The Amityville Horror“ во кината, локалните лидери на Буркитсвил знаеја дека треба да се подготват за туристи. Локалниот совет одобри дополнителни работни часови за шерифот и неговите заменици, а локалните жители ги предупреди на можно стампедо од фанови непосредно пред премиерата на The Blair Witch Project на 16-ти јули. Но чудно, гратчето беше непретпазливо оптимистички настроено кон претстојниот публицитет. Локалните продавачи се надеваа дека ќе им процвета бизнисот, а претседателот на Историското друштво се спремаше на посетителите да им зборува за вистинската историја на Буркитсвил.

Арно ама, „љубопитните посетители“ се покажаа како вандали.

До премиерата на филмот, некој веќе имаше оставено ознаки на надгробните плочи во локалните гробишта. Подоцна гробиштата ќе станат локација исполнета со морничави луѓе што на свеќи ги бдејат лажните жртви од филмот. Знакот „Добредојдовте во Буркитсвил“ постојано ќе биде мета на крадци, а репортерите и фановите постојано ќе ги малтретираат жителите во потрага по инсајдерски информации за лажната легенда. Еден турист дури ќе заскита и во дневната соба на градоначалникот, мислејќи дека се работи за тура. Во Буркитсвил ќе се појави и еден непознат маж кој ќе почне да ги снима децата, што кај родителите ќе предизвика страв дека се работи за сериски убиец (неосновано, се разбира).

Згора на сé, гратчето не успеа ниту да профитира од ненадејниот наплив на посетители. Нормално, локалните продавници почнаа да продаваат тематски маици, разгледници и мапи, во обид да профитираат. На некои им успеа, како на жената која буквално продаваше камења и земја од сопствениот двор. Но на другите им стигнаа опомени пред тужби од страна на дистрибутерите на филмот – Artisan Entertainment, бидејќи продаваа тематски сувенири без нивна дозвола. Многу од продавачите се исплашија од заканата и почнаа да ги раздаваат сувенирите бесплатно. Најапсурдно во целата ситуација е што Буркитсвил никој не го праша дали може да снима, ниту пак го извести дека ќе се снима  Blair Witch Project. Во ова гратче жителите си имаат навика да си ја гледаат својата работа, а ако некој воопшто ги имаше забележано филмаџиите додека го снимаа The Blair Witch Project, никогаш тоа го немаше спомнато. Artisan Entertainment му надомести само една работа – украдените знаци со „Добредојдовте во Буркитсвил“.

Со оглед на сето горчливо минато, луѓето од Буркитсвил беа очекувано непријателски настроени кон продолжението на филмот – Book of Shadows: Blair Witch 2. До толку што кога продуцентите дојдоа на средба во гратчето за да прашаат дали некој од локалните би снимил интервју за потребите на новиот филм, овие практично ги исвиркаа надвор од просторијата. Нормално, подоцна некои и се согласија, ама чувствата останаа измешани.

Сега, со последното поглавје – Blair Witch, кое доби лавина од негативни критики, жителите на Буркитсвил можеби и нема да мораат да поминуваат низ хаосот од 1999. Но го очекуваат. Градоначалникот и членовите на градскиот совет повторно се надеваат да истријат раце од туризмот, ама локалците се на штрек. „Постои одредена доза на љубопитност. Го разбирам тоа“, вели еден од нив. „Ама и покрај тоа преферирам луѓето да не доаѓаат“.

- Реклама -